По повод 17 ноември, Светскиот ден на предвремено родените бебиња, Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека од 2016 година до денес намалена е смртноста кај предвреме родените бебиња во Северна Македонија од 26 на 8 проценти. Според нив, ова се должи на континуираната обука и унапредување на персоналот и силните инвестиции во модерна апаратура на Клиниката за гинекологија и акушерство.
„Една од главните заложби на Министерството за здравство во изминатите години беше унапредување на условите, вложување во модерна опрема и обуки на Клиниката за гинекологија и акушерство. Со задоволство може да констатираме дека оваа заложба ја претворивме во ефикасна стратегија која за само пет години даде фантастични резултати, ги унапреди условите за родилките и обезбеди врвна нега за новороденчињата. Во изминатиот период набавивме 15 модерни инкубатори, нешто што недостасуваше на Клиниката но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди“, велат од МЗ.
Од Министерството порачуваат дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата.
„Министерството ќе продолжи да вложува и да го унапредува одделот за Гинекологија и акушерство со цел врвна услуга, многу спасени млади животи и европски стандарди во македонското здравство“, додаваат од МЗ.