МЗ: Потврдени 18 нови случаи на коронавирус, оздравен е 21, а починати се три лица

Регистриран е 21 излекуван пациент – 16 од Скопје, 3 од Куманово и 2 од Штип, сите се лекуваа во домашни услови. Со ова до денеска, бројката на излекувани пациенти во земјата изнесува 200 пациенти, информираа од Министерството за здравство (МЗ).

Според МЗ, во изминатите 24 часа потврдени се 18 нови случаи на коронавирус, и тоа 9 во Куманово, по 2 во Скопје, Штип и Куманово, и по 1 во Велес, Гостивар и Пехчево.

„Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 1225“, соопштуваат од министерството.

Од таму информираат дека се починати тројца пациенти позитивни на ковид-19.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина една пациентка од Лабуништа на 46 годишна возраст, примена на 29 март, а подолг временски пердиод била на механичка вентилација, и еден 71 годишен пациент од Прилеп, лекуван на клиниката од 15 април“, велат од МЗ.

Во ГОБ „8 септември“ починала пациентка од Куманово на 63 годишна возраст, хоспитализирана во тешка состојба на 6 април и веднаш поставена на респираторна машина. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, примени се 3 пациенти од Скопје, Струга и Прилеп со средно-тешка и тешка состојба. Вкупно се хоспитализирани 56, од кои 18 се на кислородна поддршка, а 3 се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 15 нови пациенти.

„Суспектни пациенти кои добија негативен резултат се префрлени на други оддели, па во моментов на одделот за ковид се хоспитализирани 34 потврдени и суспектни пациенти. Со потешка клиничка слика се 9 пациенти, а 6 се на респираторна машина“, велат од МЗ.

Во болницата во Битола, пак, се хоспитализирани 14 пациенти потврдени и суспектни на ковид, а на домашно лекување се следат уште 15 пациенти. Во штипската болница во моментов се лекуваат 5 ковид позитивни пациенти, сите во стабилна состојба, а на домашно лекување се следат 19 пациенти, велат од министерството.

Инаку, премиерот Оливер Спасовски денеска се огласи на Фејсбук, потенцирајќи дека властите подготвуваат сериозен план.

„После првомајските празници да започне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш. #СедиДома, објави Спасовски.

Спасовски: По првомајските празници да започне процес за враќање на нормала