Спасовски: По првомајските празници да започне процес за враќање на нормала

Подготвуваме сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш. #СедиДома, објави премерот Оливер Спасовски преку Фејсбук.

Спасовски пред два дена на онлајн прес – видеосесијата Ковид-19 „Ретроспектива: коронавирус МК”, информираше дека се прави сериозен план за тоа како и на кој начин после 1 Мај да се почне со олеснување на некои од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала.

Инаку, Владата претходно соопшти дека од среда (22 април) се воведува забрана за движење на граѓаните на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и слично), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети или продавници.

Во уредбатата, нагласија од Влада, да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема на цела територија на земјата, но по извесен период. Исто така, препорачаа до сите граѓани од државата, особено од општините Куманово, Прилеп и Тетово, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини.

Исто така, меѓу другото, Владата го задолжи Министерството за правда да подготви и за наредната седница на Влада да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (со фотографска документација од местото каде граѓанинот е затекнат), како и нивната висина, кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, мерките и препораки кои се однесуваат на групирање на јавни места.