Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 36 оздравени пациенти.
Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се 22 нови случаи на Ковид-19, односно по градови, регистрирани се 11 случаи во Скопје, три во Велес, по два случаи во Куманово, Кавадарци и Гостивар и еден случај во Струга и Неготино. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани со новиот коронавирус се искачи на 1.421 лице, а моментално има 761 активен случај.
Во меѓувреме, регистрирани се и шест смртни случаи. На Инфективната клиника во Скопје починале две лица од Прилеп, пациент на 58-годишна возраст хоспитализиран на клиниката од 19 април и 63 годишен пациент кој бил на болничко лекување од 9 април. Двајцата пациенти биле приклучени на механичка вентилација, додаваат од МЗ.
„Во ГОБ ‘8 септември’ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април. Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден“, стои во соопштението на МЗ.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се пет нови пациенти, додаваат од МЗ, а моментално таму се хоспитализирани 52 пациенти. Од нив, критично болни и на механичка вентилација се 3 пациенти, а 25 се со потешка клиничка слика и на кислородна маска.
Во болницата „8-ми Септември“ примени се три нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 28 лица. Од нив, со потешка клиничка слика се 3 пациенти, а на респираторна машина вкупно 6.
Досега во земјава се направени 15.771 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 362 теста.
На денешната владина седница е донесена одлука и за измена на полицискиот час. Односно, забраната за движење на први, втори и трети мај ќе трае од 14 до 5 часот наутро.
Нема строг полициски час за првомајскиот викенд, излез до 14:00