МВР започна со „Електронски записник од увид во сообраќајна несреќа“

МВР информира дека во изминатиот период го реализираше првиот дел од проектот „Електронски записник од увид во сообраќајна незгода“, со кој се воспоставува централна, електронска евиденција на извршени увиди на сообраќајни незгоди.

Притоа, велат од МВР, се обезбедило внесување, чување и обработка на податоците од Записникот за извршен увид на место на сообраќајната незгода.

„При изготвување на софтверското решение на унифицираниот Образец на Записник за извршен увид на сообраќајна незгода се пристапи и кон имплементирање на CADAS протоколот, при што беа инкорпорирани Записникот за увид на сообраќајна незгода, Прашалникот СН1 и податоците за Важните варијабли од CADAS протоколот, а стручните тимови веќе работат на подготовка на втората фаза од проектот „Електронски записник за увид на сообраќајни несреќи“, стои во видеото на Фејсбук на министерот Оливер Спасовски.

Во наредниот период, МВР планира да го надгради постоечкото софтверско решение за внесување на т.н. ГЕО – координати и можност за електронска размена на податоците со други институции.