Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираше дека граѓаните кои сакаат да пријават кривично дело тоа треба да го сторат на телефонскиот број 192 или во најблиската полициска станица, како и дека за тоа не е потребна посебна дозвола, односно тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица.
Ова доаѓа по вчерашното барање на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за потребата од исклучоци од санкции во полицискиот час за жени жртви на насилство и нивните деца кои го напуштаат домот поради закана и директен ризик од насилство.
„Истото важи и за граѓаните на кои поради извршено насилство или друго кривилно дело им е потребна помош во здравствена установа, значи за тоа не е потребна посебна дозвола. Институциите функционираат без исклучоци за заштита на граѓаните и по сите пријави за семејно насилство се постапува координирано со тимовите на центрите за социјална работа“, се додава во соопштението на МВР.