Исклучоци од санкции во полицискиот час за жени жртви на насилство и нивните деца, бараат од Националната мрежа против насилство

Итно дополнување на одлуката за забрана за движење на граѓаните на целата територија на државата во насока на заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство, бараат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Во однос на ова, тие велат дека во текот на полицискиот час треба да има исклучоци од санкции за жени жртви и нивните деца кои го напуштаат домот поради закана и директен ризик од насилство.

„Жртвите кои се во висок ризик од насилство, да можат истото да го пријават до надлежна институција или да побараат помош во здравствена установа, како и нивните деца, постари членови на семејството кои треба да излезат со нив како би се заштитиле од насилството, а притоа прекршувањето на полицискиот час да не им биде санкционирано и доколку ги пресретне полициски службеник истиот да им ја пружи соодветната заштита и да ги упати до надлежна институција“, бараат оттаму.

Дополнително, од мрежата бараат во текот на временското ограничување на движењето на граѓаните, во случај на насилство во домот, по пријава сторителите на семејно насилство да бидат отстранети од домот, но и да се преземат соодветни санкции против него со цел да се заштити жртвата од идно насилство во домот.

„Во однос на оправданоста на ова наше барање би навеле дека ризиците за зголемување на насилството во овие вонредни околности се бројни. Имено со мерките и ограничувањата кои се на сила, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности (кино, театар, спорт), пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите. Голем број граѓани се под притисок дека ќе го загубат работното место по завршување на вонредната состојба и прекинување на важењето на владините мерки и потенцијалниот ризик од зголемување на сиромаштијата“, посочуваат оттаму.

Сите овие фактори, како што додаваат, влијаат на интензивно зголемување на стресот, фрустрациите, стравот и силната загриженост за иднината кај граѓаните, кои се, како што велат тригери за агресивно однесување, изливи на нервоза, зголемена потреба за контрола и изразување моќ, насилно решавање на конфликтите и зголемена примена на насилство.

„Бараме во најкус можен рок со оглед на итноста на оваа ситуација да ни го усвоите барањето и да донесете дополнување на Одлуката во насока на заштита на жртвите на семејно насилство и нивните деца, а во врска со социјалниот концепт на државата и грижата за семејството“, велат од мрежата.