МВР предупредува за измами на социјалните мрежи

Министерството за внатрешни работи (МВР) ги информира граѓаните дека во последните денови актуелна е лажна објава на социјалните мрежи, во која се тврди дека некои малоплодажни компании за техника наводно нудат модерни телефонски уреди преку „внатрешна програма“ поради оштетена амбалажа.

„Ве известуваме дека станува збор за измама со цел да се привлечат граѓаните да кликнат на сомнителни линкови или да остават лични податоци“, алармираат од МВР.

Доколку граѓаните забележат ваква објава, од МВР препорачуваат да не кликнуваат на неа. Да не споделуваат лични информации и да не потпаѓаат на приказни кои играат на емоции, со цел да измамат доверба.

„Компаниите за техника немаат тајни страници за ‘специјални’ телефони, и не ги нудат производите преку социјалните мрежи или неофицијални канали. Доколку видите вакви објави, пријавете ги веднаш во најблиската полициска станица“, соопштува МВР.

Од таму посочуваат дека Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами.