МВР: Одделот за внатрешна контрола констатира непрофесионално однесување во случајот со Демир Хисар, началник ќе биде разрешен

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претресот во Демир Хисар, констатирало непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар.

За лицето е покрената дисциплинска постапка.

„Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата. МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Полицијата е тука за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните“, се вели во соопштението на МВР.

Инаку, случајот со претресот дојде осумнаесет часа пред распишувањето на изборите и можност за законска смена на директорката на училиштето во Демир Хисар.

За настанот имаше објавени видеа на Фејсбук на кои се гледа дека во операцијата учествува и полициски началник во Демир Хисар кој со пластични ракавици се наоѓа пред домот на осомничената. Жената повикала Итна помош поради висок крвен притисок, но началникот упорно ги негира тврдењата на лекарскиот тим и бара „ако треба и на носилки“ да ја носат во полициска станица.

Обвинителството потоа негираше дека воопшто барале приведување или итен распит на осомничената како што бараше полицискиот началник.

Полициска акција кај директорка на училиште во Демир Хисар предизвика политички тензии и обвинувања за притисок