МВР: Од државата протерани 11 лица, се сомничат дека палеле во депонијата во Струга

Единаесет Роми државјани на соседна Албанија на 25 јули биле затекнати на струшката депонија каде работеле на собирање пластичен отпад, а имале изградено и импровизирано живеалиште, информираше СВР Охрид.

Тие засега се протерани од Македонија.  Дополнително ќе се утврдува нивна поврзаност со палењето на депонијата, за која и денеска граѓани реагираа дека повторно чади.

„Изречени им се соодветни пријави за нелегален престој во државата и нелегална работа на подрачјето на Струга. Дел од нив илегално влегле на територијата на општина Струга, додека дел од нив оствариле легален влез“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, потврдувајќи дека овие лица веќе извесен период работеле на депонијата.

Општинарите од Струга бараат МВР до крај да го расчисти целиот случај и како докази да се користат и снимките од камерите поставени на дел од депонијата. За евентуална дислокација на депонијата побараа помош и дозвола од централната власт.