МВР: Граѓаните да не отвораат сомнителни линкови, се шири измама со наводна нова дигитална криптовалута

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да внимаваат на наводна кампања во која што лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина.

Со кликнување на линкот, се влегува на лажна страница (hiphop2610.myshopify.com), а потоа преку сите линкови кои се појавуваат на страната ве пренасочуваат кон друга страница која е хостирана во Украина, информираат од секторот при МВР.

„Откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица ги контактираат преку телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побрзо да се инвестира во новата кинеска крипто валута бидејќи цената расте секој момент“, информираат од МВР.

При проверка на веб-страницата, од СККДФ откриле дека како регистрант се јавува лицето Vasyl Dymarev од Русија.

„Текстовите и статиите на интернет страната се убедливо напишани, а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума која ја бараат за инвестиција е 250 долари, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства“, појаснуваат од МВР.

Оттаму апелираат граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи. Покрај ова, правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.