МВР: 14 приведени од почетокот на пожарите

Вкупно 14 лица биле приведени од почетокот на пожарите поради сомнение дека ги подметнале или ги предизвикале, односно сториле кривични дела по член 227 („предизвикување шумски пожар“) или член 228 („предизвикување општа опасност“), посочуваат од МВР за Радио МОФ.

Па така, вчера (8 август) биле приведени две лица. Во СВР Струмица е приведено 30-годишното лице Д.К. од с.Баница за пожар кој настанал истиот ден кај крстосницата с.Дабиле-с.Сачево. Во СВР Охрид, пак, е приведено 60-годишното лице Б.М. од Дебар за пожар настанат околу 18.30 часот во атарот на с.Бомово.

Во саботата (7 август) биле приведени три лица за предизвикување пожар кај скопското село Страхојадица, при што била опожарена сува трева и нискостеблеста шума.

Истиот ден, надлежните најавија кривична пријава за пожарот кој настана во кругот на ОХИС. Полицијата утврди дека С.А.(35) од Кавадарци го предизвикал пожарот додека вршел заварување на ограда во кругот на фабриката. За овој случај, на службен разговор во полициска станица биле повикани повеќе лица.

На 6 август, пак, биле приведени три лица за предизвикување или подметнување пожар. Се работи за Н.Б. (34) поради сомнение за предизвикување на пожарот во гостиварското село Добридол. Потоа за И.О. од радовишкото село Тополница за пожарите во с.Погулево и Дамјан. Откако ги забележал полициските службеници, И.О. се обидел да избега, но бил фатен, приведен и се работи на расчистување на случајот. Истиот ден, М.Е. (34) од Прилеп бил приведен поради сомнение дека го подметнал пожарот на место викано Дабница.

Од почетокот на август, билтенот на МВР бележи уште два случаи. На 5 август, СВР Битола-ОВР Ресен го приведе  К.С. од ресенското село Лева Река поради сомнение дека го предизвикал пожарот во селото, а ден претходно (4 август) бил приведен Л.А. (32) од Република Албанија за кој постои сомнеж дека при илегален престој во државата го подметнал пожарот над гостиварско Пожаране.

Во меѓувреме, полициски службеници постапуваат и во врска со осомниченото лице за пожарот во Старо Нагоричане и двете осомничени лица за пожарот кој на 3 август беше пријавен пред село Блаце кон Катланово.

Два случаи на прекршување на забраната за движење во шума

И покрај забраната за движење во шумските предели која стапи на сила на 3 август, од МВР информираат дека досега се забележани два случаи кога била прекршена – на Водно и во местото „Орлов Камен“.

„Првиот случај е евидентиран на 05.08.2021 година,  на Водно од страна на полициска патрола затекнати се три лица кои се движеле во шумски појас и тие биле задржани во полициска станица, по што против нив е поднесен соодветен поднесок, и вториот случај евидентиран на 06.08. 2021  година на место викано „Орлов Камен“, на патот за с.Бирино, крушевско, полициски службеници од Полициската станица Крушево лишиле од слобода четири лица сите од село Врбоец, крушевско, затоа што биле затекнати со патничко возило во шумски предел, односно затоа што не ја почитувале целосната забрана на движење во шуми. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе им бидат изготвени записници за констатиран прекршок согласно одредбите на Законот за шуми по член 57 став 3, и согласно член 106 став 4 („Движење во шума за време на целосна забрана“)“, велат од МВР за Радио МОФ.

Оттаму апелираат до граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.

„Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец“, апелираат од МВР.

Во текот на изминатото деноноќие, во гаснење и превенирање на пожарите на територијата на државата биле вклучени 650 полицајци, а биле извршени 222 мото-патроли.

„Деноноќно на терен се и припадниците на сите специјлни единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка, кои несебично помагаат во гасење на пожарите“, информираат од МВР.

Ажурирани податоци за локализираните и активните пожари во државата, може да погледнете на интерактивната мапа во продолжение:

Е.П.