Мултимедијалната изложба „AeternaNova“ во Мала Станица

На 17 јуни во Националната галерија Мала Станица, со почеток во 20 часот ќе биде отворена мултимедијалната изложба „AeternaNova“ во организација на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС Скопје.

Како што информираат организаторите, на изложбата ќе бидат изложени етнографски фотографии, народни носии, краток филм и фотографии од лица кои се лидери во своите професии, облечени во народни носии.

„’AeternaNova’ (кованица од латинските термини “вечна” и “нова”) презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19от и почетокот на 20от век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.
Црпејќи инспирација од Camera Lucida на Роланд Бартс, оваа изложба се служи со неговите концепти наречени studium и punctum за да ја артикулира дуалната природа на фотографската интерпретација. Конкретно, во ова видување, studium-от реферира на историското и културното значење на народните носии, односно модни избори направени од локалното население кои евоцираат културни и општествени норми. Меѓутоа, со претставување на овие костими како насловни страници на модни списанија, изложбата воведува punctum, односно современа реинтерпретација која ги повикува гледачите да ги согледаат овие артефакти надвор од нивниот конвенционален контекст. Овој пристап не само што ја демистифицира поврзаноста на народните носии со патриотизмот, национализмот и патријархалното угнетување, туку ги претставува како симболи на индивидуална и заедничка креативност наместо артефакти од минатото“, велат организаторите и додаваат дека изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време.

Проектот е финансиран од Министерството за култура.

Повеќе детали за изложбата може да најдете тука.