На 3 април 2026 година (петок), со почеток во 20 часот, во салонот при Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Дијалог во празнини“ на уметниците Стефан Божиновски и Кристина Таневска.
Станува збор за истражувачко-уметнички проект кој ја преиспитува комуникацијата надвор од зборот, фокусирајќи се на тишината, празнината и неизговореното како суштински делови од човечкото искуство. Авторите го истражуваат дијалогот како процес и како состојба, надоврзувајќи се на комуниколошките теории, меѓу кои и моделот на Ласвел, но и на современи сфаќања според кои комуникацијата е динамичен и континуиран процес.
Кураторката на изложбата Ангела Витановска во својот осврт посочува дека „Дијалог во празнини“ претставува суптилно и слоевито истражување на границите на комуникацијата, каде тишината не се јавува како отсуство, туку како активен носител на значење.
„Ова е проект на (не)искажаното, каде немата емотивна состојба и телесниот израз, говорат за дуалноста присуство/отсуство, каде лицето и телосноста се вплеткуваат во дијалог преку ритам и паузи, погледи и движења…“, истакнува Витановска во својот осврт.
Преку перформанс, видео, фотографија, звук и просторни инсталации, изложбата создава интерактивно искуство во кое публиката станува активен учесник. Делото, како што потенцираат авторите, „функционира како визуелен разговор, отворен простор на интерпретација и симбол на потребата за поврзаност во време на изолираност и внатрешна тишина“.



