МТВ од понеделник ќе емитува едукативна програма за основци и деца од градинка

Од понеделник на Македонската телевизија ќе почне да се емитува едукативна програма наменета за  основците и децата од претшколска возраст, а со цел да се надополни дел од наставната содржина поради отсуството на децата од училиште и градинка.

Програмата, како што соопштија од МОН се прави според наставните програми заедно со наставници и професори. Тие ги повикаа сите заинтересирани од образование да се вклучат во овој проект. Едукативните содржини ќе се емитуваат на трите канали на националниот сервис, но термините дополнително ќе бидат утврдени.

Едукативната програма беше тема на денешната средба на претставници на Министерството за образование и наука и на труд и социјална политика, со претставници на неколку други образовни институции и УНИЦЕФ, МРТ и на неколку граѓански здруженија и организации. Владата претходно заклучи дека е потребно емитување на воспитно образовна програма наменета за деца во предучилишна возраст и ученици од основно образование во периодот додека детските градинки и училиштата се привремено затворени поради новиот коронавирус.

Поради затворањето на училиштата на МТВ започнува со емитување и култната серија Бушава азбука, чии репризи беа бесплатно отстапени за емитување на националниот сервис.