Мрежата за заштита од дискриминација бара зголемување на предлог-буџетот за КСЗД

Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) бара зголемување на предлог-буџетот Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со што, како што велат, ќе се обезбеди нејзина функционална независност и сеопфатно функционирање, со цел грижа за маргинализираните граѓани.

Во предлог-законот, тие објаснуваат дека е испланиран речиси истиот буџет за КСЗД споредено со 2021 година, кога во неговата подготовка не учествувале претставници на КСЗД.

„Усвоениот Предлог-буџет за КСЗД предвидува 15.320.000,00 денари, расчленети во неколку ставки. Особено загрижува тоа што во Предлог-буџетот не се испланирани средства за спроведување на активности од страна на КСЗД во насока на промовирање на принципот на еднаквост и ефективно спречување и заштита од дискриминација“, велат од МЗД.

„Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека во изминатиов период бевме сведоци на случаи на расно профилирање и полициска бруталност врз Роми, ограничување на пристапот до здравствена заштита, повикување и поттикнување дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, кршење на правата на текстилните работнички и тн. Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација цени дека функционалната независност на КСЗД треба да биде загарантирана, преку овозможување на соодветни финансиски ресурси за нејзино непречено и сеопфатно функционирање, што е потенцирано и од Европската комисија“, додаваат тие.

Според нив, предвидениот буџет за КСЗД е манифестација на системска негрижа за најранливите групи граѓани. Дополнително, тие велат дека малиот буџет кој не соодветствува на потребите и надлежноста на Комисијата, најмногу ќе се одрази на овие групи граѓани кои се најподложни на дискриминација.

„Затоа, Мрежата за заштита од дискриминација бара изразување на политичка волја за дејствување во насока на унапредување на принципот на еднаквост со тоа што парламентарните претставници ќе го ревидираат Предлог-буџетот за КСЗД и ќе биде зголемен според потребите и надлежностите на КСЗД, а потоа и усвоен“, децидни се од МЗД.

Тие објаснуваат дека во услови на бројни логистички и финансиски предизвици со кои се соочува КСЗД, Мрежата во неколку наврати повикала на неопходноста од зголемување на буџетот преку објективни критериуми согласно надлежностите и соодветна поддршка од клучните институции.

„Токму нискиот буџет, недоволните и несоодветно распределените финансиски средства за остварување на надлежностите, ја загрозуваат самостојноста и независноста на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во крајна линија, ова значи дека на најмаргинализираните значително им се ограничува пристапот до ефективен заштитен механизам, а воедно и се зајакнува и одржува системската дискриминација во нашето општество“, велат од МЗД.