МОН: Започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем

„Како креатори на образовните политики, Министерството за образование и наука (МОН) заедно со Владата на Република Северна Македонија и сите други засегнати институции и установи, согласно своите надлежности веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата“, информираат денес од МОН.

Соопштението доаѓа по вчерашните случувања во Србија кога осум ученици и припадник на обезбедувањето беа убиени откако ученик пукал во Основно училиште во центарот на Белград.

„Првиот чекор е инклузивна средба со претставници на академската фела и веќе во текот на утрешниот ден истата ќе се одржи во просториите на МОН, а ќе учествуваат универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, социологијата,
безбедноста и сајбер насилството и други“, се вели во дописот до медиумите.

Од Министерството додаваат дека се очекува поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис заедницата и меѓународните партнери.

„По завршување на средбата ќе бидат соопштени заклучоците, односно препораките кои, како што посочивме, ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите“, велат од МОН.