МОН: Вработените во образование ќе добијат повисоки плати за 5% од септември

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека вработените во образование во септември ќе добијат плати повисоки за 5%, како реакција на барањата на Независниот синдикат за образование и наука(НСОН) за покачување на платите на просветните работници.

„Јавноста знае дека минатата година платите на вработените во образованието од месец септември беа зголемени за 5%, додека следната фаза, односно следното покачување е предвидено веќе од следниот месец, со опфат на вработените во основното, средното и високото образование. Станува збор за реален и остварлив план кој е проектиран согласно буџетските можности.  Планот, односно предвидените мерки беа презентирани пред синдикалните организации пред да започне нивната имплементација, за што синдикалните организации истакнаа позитивен став и барање овој позитивен тренд односно заложба за подобри услови и можности за работа да продолжи и во иднина, што секако е прифатено и се спроведува од институциите на системот“, се наведува во соопштението на МОН.

Оттаму велат дека се реализира процесот на трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време и се инвестира во унапредувањето на образовната инфраструктура.

„Уверуваме дека соработката и социјалниот дијалог со синдикалните организации ќе продолжи и во периодот што следи, преку инклузивен сеопфатен пристап во дефинирањето на сите следни мерки, проекти и активности кои директно ги тангираат вработените во образованието. Министерството за образование и наука е и ќе продолжи да биде отворено за соработка и взаемно делување“, се додава во соопштението.

НСОН претходно, со прес конференција пред МОН побара од ресорното министерство повисоки плати за просветните работници, по примерот со покачувањето од 15 отсто кое од месец јуни го добија вработените во градинките. Од синдикатот истакнаа дека платите во образованието се потпросечни, наставниците се борат за егзистенција и оттука се немотивирани за работа.