Независниот синдикат за образование и наука бара покачување на платите за просветните работници

Зголемувањето на платите на просветните работници да биде слично или исто како тоа кај вработените во градинките, побараа денеска претставниците на Независниот синдикат за образование и наука.

На пресот кој се одржа пред Министерството за образование и наука, потпретседателот на синдикатот Енвер Ајдини истакна дека платите на просветните работници се под државниот просек и стојат во место, освен незначителното ланско зголемување од пет отсто. Тоа покачување, рече Ајдини, не ги реши проблемите во образованието, а наставниците се на маргините на егзистенцијата и немотивирани за работата.

Од Независниот синдикат за образование и наука соопштија дека заедно со Конфедерацијата на синдикални организации ќе ги планираат идните чекори, а истовремено најавија дека ќе упатат барање за средби со претставници на Министерството за образование и наука и министерот Адеми Арбер.

Платите на стручниот кадар во градинките, почнувајќи од јуни годинава, пораснаа за околу 15 %, или по околу 3.000 денари по вработен.