МОН најавува нов систем за финансирање на основното образование

Неопходна е промена на распределбата на парите за основно образование од државниот буџет, со цел да се подобри ефикасноста, да се зајакнат резултатите и да се обезбеди правична распределба на средствата, смета министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, откако денеска го претстави новиот систем на финансирање на основното образование според стандарден трошок по ученик пред Комисијата за финансирање на општините.

Според министерот постојната формула за распределба на блок дотациите за основно образование меѓу општините, не тргнува од тоа колку средства им се потребни на училиштата за да обезбедат квалитетно образование за сите ученици и за исполнување на образовните стандарди, соодветно на  различните потреби на секое училиште. Дополнително, постојниот систем на финансирање не овозможува општините да добијат доволно средства за професионален развој на наставниците, средства за поголема инклузивност во училиштата, за превоз на учениците и задоволување на останатите потреби.

„Новата формула има 4 компоненти, од кои првата односно основната компонента е заснована на трошоците по ученик. Со втората, варијабилна компонента, се обезбедуваат средства за превоз на учениците, како и за трошоци за ученици со посебни образовни потреби, за ученици од социјално загрозени семејства, како и за ученици кои следат настава на јазик на помалите етнички заедници. Третата компонента обезбедува средства за општините во периодот на прилагодување кон новата формула на финансирање. Последната е развојна компонента која ќе ги поттикнува училиштата да ги подобруваат резултатите од година во година, согласно конкретни параметри, доколку сакаат да добијат повеќе финансиски средства“, нагласи Шаќири.

Партнери на Министерството за образование и наука во овој сегмент на реформата на националниот образовен систем се Светска банка и УНИЦЕФ.