МОН: Лажен е документот кој кружи дека е одлучено отворање на училиштата

Од Министерството за образование и наука (МОН)  ја демантираат информацијата која кружи на социјалните мрежи, а е објавена и на некои медиуми дека со одлука на Владата основните и средните училишта во земјава ќе продолжат да работат од 18 мај.

„Информираме дека се работи за лажна информација и документ кој воопшто не е подготвен од страна на МОН и усвоен од Владата. Оваа тема не била предмет на дискусија на владините седници во изминатите денови“, соопштија од Министерството.

Од институцијата напоменуваат и дека за сите одлуки кои се носат во време на вонредната состојба јавноста е навремено информирана од службите задолжени а односи со јавност.

„Апелираме да не се креираат и шират лажни вести, бидејќи тоа не оди во прилог на заедничката заложба за справување со актуелната состојба и создава дополнителна вознемиреност кај граѓаните во овој исклучително тежок период за сите нас“, додаваат од МОН.

За лажната информација на Фејсбук се огласи и Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој кратко само напиша: „Лажна вест“, заедно со пречкртаниот документ кој кружеше онлајн.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.