МОН и „Бреинстер“ ќе соработуваат за воведување на вештачка интелигенција во средното образование

По приклучувањето на Факултетот за информатика од Штип кон институционалните заложби за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем во Македонија, од денес соработници на Министерството за образование и наука (МОН) во остварувањето на оваа цел се и приватната високообразовна установа и друштвото за интернет едукација, кои работат под брендот „Бреинстер“. За таа цел се потпиша меморандум за соработка, информираат од МОН.

„Примарниот фокус на меморандумот што денес го потпишуваме е поддршка за воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Важно е нашите ученици да знаат етички да ја применуваат при остварувањето на образовни и професионални цели. Но, ‘Бреинстер’ ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование и јас им благодарам за подадената рака“, рече министерката Весна Јаневска.

МОН и Факултетот за информатика во Штип веќе подготвуваат документ со насоки за наставниците и за учениците околу примената на вештачката интелигенција од септември, што, како што рече Јаневска, ќе биде увертира на воведувањето на конкретни теми во наставните програми во секое одделение.

Основачот на „Бреинстер“ групацијата, Петар Ниновски потенцираше дека за нив ова е значаен ден бидејќи се формализира соработката со МОН и се прави голем чекор напред кон системски пристап во воведување на вештини поврзани со познавањето на вештачката интелигенција во средното образование.