МОН: Да се лоцира одговорноста за пропустот при полагањето на државната матура

Откако медиумите известија дека тестовите по англиски јазик од државната матура биле споделувани во групи на Вибер, од Министерството за образование и наука (МОН) соопштија дека се обратиле до Државниот испитен центар (ДИЦ) со цел да се лоцира одговорноста за пропустот меѓу учесниците во спроведувањето на процесот.

„Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност. По добивањето на информациите од ДИЦ, истите ќе бидат споделени со јавноста“, велат од МОН.

Од Министерството велат дека побарале од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови каде би биле сместени сите матуранти кои се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи. Но, посочуваат дека поради штрајкот во ДИЦ овие промени не се случиле.

„Очекуваме промените да се имплементираат во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите“, велат од МОН.

Берин Мухамед, новиот претседател на Сојузот на средношколци, во интервју со Радио МОФ рече не треба да се покажува прст кон еден виновник.

„Колку што имаат вина оние што го правеле тоа (препишувале н.з.), толку и одговорните да ги следат децата. Затоа како Сојуз на средношколци правиме темелна анализа на целата ситуација, за да може подобро да се одговори на потребите“, рече тој.

[Став] Државна матура – никој, ама никој не сака да учествува во оваа шарада