Мојсоски: Затворениот пливачки базен во Охрид ќе биде готов напролет

Затворениот пливачки базен во Охрид се очекува да биде готов до март или април следната година, а градежните работи ќе продолжат од 1 септември, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски на денешната прес-конференција, јавува порталот ОхридПрес.

Работите биле запрени поради проблеми со инвеститорот, а досега процентот на реализација е 70%, наведува охридскиот портал.

„Последните 6-8 месеци имаме проблем со инвеститорот, Бауер БГ заради минати работи на фирмата. Неодамна имавме состанок, од 1-ви септември почнуваме со работа и се надевам дека март или април следната година ќе биде готов. Тој е 70% готов, треба да се донесе коритото, да се монтира, веќе се направени просторите се одвоени, трибините, челичната и бетонската конструкција се готови, струјата е поставен, остануваат само финеси и уште многу малку работи недостигаат во внатрешниот дел“, изјавил Мојсоски.

Радио МОФ претходно пишуваше на темата за пливачкиот базен кој започна да се гради во 2015 година, а беше предвиден како дел од проект за изградба на девет пливачки базени.

И 10 години од најавите, покриениот градски базен во Охрид никако да се наполни со вода