Младите пренесуваат искуства: ЕУ ја менува Хрватска, додека Македонија и Србија сѐ уште учат што е зелена политика

Еколошките проблеми кои до пред десетина години ја мачеа Хрватска, на Македонија и Србија сѐ уште многу им тежат, сметаат млади од овие три држави. Иако во Хрватска и понатаму има места кои треба да напредуваат, воспоставените законски регулативи се почитуваат, затоа што Европската Унија надгледува и прави ревизии. Државата членка очекува до 2030 година да го има првиот целосно енергетски самоодржлив и јаглеродно неутрален остров – Крк, а во Загреб пред десет дена на првиот круг од локалните избори актуелниот „зелен“ градоначалник Томислав Томашевиќ го освои мнозинството гласови за втор мандат. Ова е далеку од реалноста за Македонија и Србија, посочуваат младите, каде кај народните избраници недостасува волја и функционална писменост за зелени политики. 

„Пратеничка која е во комисијата за животна средина дојде да ни се обрати. Зборуваше дека таа во текот на нејзиниот мандат многу научила за зелените политики. Ти си таа која треба да ги имплементира политиките, како тоа ти учиш? Не влегуваш во таа комисија ако треба да учиш. Средношколците, студентите и младите треба да учат за овие прашања, а не народните избраници кои членуваат во надлежната комисија“, раскажува Виктор Бучковски, учесник на двогодишната Регионална школа за политички развој во која 30 млади од Македонија, Србија и Хрватска учеа како да придонесат кон креирањето зелени јавни политики.

Тој живее спроти Државна болница во Скопје, каде, како што вели, не фрлаат ѓубре само тој и соседите, туку цела Македонија.

„Одвратно е, хаос. Секаде има ѓубре и не можам веќе, катастрофа е. Не можеш да го засакаш просторот затоа што е премногу гадно и одвратно“, истакнува Бучковски за Радио МОФ.

Во текот на школата, меѓу многуте активности, младите биле и во посета на Рјека и Крк, за да видат примери на добри одржливи политики и пракси. Таму, посочува учесникот, има премногу одговорни компании кои развиваат „зелен туризам“. Додека, при развивањето на проектот „Одржлива урбана мобилност“, додава, наишле на интересно решение кое се применува во Хрватска за проблемот со крадењето на велосипеди.

„Работодавачи имаат направено целосно безбедни зони, односно заградени паркинзи за велосипеди. Така се поттикнува циркуларна економија и се стимулираат вработените да доаѓаат на работа со точак. Се гледа дека градовите се прават за луѓе, не за профит. А, кај нас, крадењето точаци е голем проблем и некои луѓе не возат затоа што ќе им бидат украдени“, вели тој.

Според него, многу е тажно што зелените политики за Македонија и Србија во блиска иднина ќе останат само концепти. Сепак, позитивните примери кои ги видел во Хрватска му оставаат надеж дека нешто може да се подобри, затоа што порано и таму се чинело невозможно.

Завршна конференција за Регионалната школа за политички развој / Фото: Радио МОФ

Во Србија најголемите еколошки проблеми се загадувањето на воздухот и водата, како и неодвојувањето на отпадот. Централна Србија мака мачи со воздухот затоа што таму се наоѓаат некои од поголемите фабрики кои загадуваат поради недостаток на соодветни филтри. На северот и југот пак, голем е проблемот со загадувањето на водата затоа што сешто се фрла во реките. За ова раскажува Кристина Милорадовиќ, учесничка во школата од Србија.

„На пример, во Зрењанин, град кој е на самиот север, луѓето често се без вода, а кога ја имаат, таа е полна со каменчиња, песок… Едноставно, не е употреблива и жителите на тој град купуваат флаширана вода, со самото тоа и пластика, а немаме доволно развиен систем на рециклирање, што е проблем сам по себе“, објаснува Милорадовиќ.

Како што забележува таа, законодавните оквири ниту во Србија ниту во Македонија не се прилагодени на регулативите на ЕУ, а тоа е првиот чекор кон имплементирањето на долгорочни стратегии кои навистина ќе направат некоја промена.

„Јас на една конференција слушнав: ‘За да ги видиме приоритетите на една држава треба да погледнеме во буџетот – каде одат најмногу пари’. Нашиот приоритет секако треба да биде образованието и заштита на животната средина, што моментално не е така. Но, доколку општеството се обедини и дадеме јасна порака што и како сакаме, мислам дека ќе има промени. Тоа веќе и се случува во Србија“, нагласува учесничката.

Иако Хрватска се издвојува од трите земји, сепак и таму постојат проблеми кои треба да се решаваат, вели Нина Зубац. Како што раскажува таа, Загреб исто така има голем проблем со отпадот, што секојдневно се истакнува во медиумите и политиката.

„Не е дека се молчи за тоа. Започнаа проекти за санирање, како и изградба на модерно одлагалиште за отпад во склад со најновите технологии на ЕУ, така што проблемот се решава. Додека пак, мојот роден град Осјек е еден од најуспешните примери за решавање на овој проблем. Превозот, пак, во околните места не претставува проблем како во Загреб, поради сѐ поголемиот број луѓе кои доаѓаат да живеат во градот. Сѐ зависи од градот и жителите“, појаснува Зубац.

Според учесничката на школата за политички развој, младите сѐ уште недоволно се слушаат и многу малку се вклучени во креирањето на политиките.

„Сепак, се чини дека се јавуваат нови генерации кои си ги знаат правата. Политичките партии ги игнорираат, недоволно ги вклучуваат и не ги сфаќаат сериозно. Не сакаат со нив да водат дијалог, да слушнат што им треба и како да ги подобрат работите. Не сум најголем оптимист дека тоа ќе се промени, но младите наоѓаат и други методи како да бидат слушнати, како што се социјалните мрежи и ваквите програми“, посочува Зубац.

За Македонија и Србија вели дека е тажно што постои желба и волја кај луѓето, но не и кај политичките структури.

Стикери и еко-паричници за Регионалната школа за политички развој / Фото: Радио МОФ

Регионалната школа за политички развој ја спроведоа Центарот за истражување и креирање политики од Македонија, Академијата за политички развој од Хрватска и Фондацијата БФПЕ за одговорно општество од Србија. Нивната идеја била да вклучат млади луѓе, лидери и ентузијасти, кои имаат позитивен поглед кон иднината и да ги научат како уште на млади години да учествуваат во креирањето политики.

„Се надеваме дека ќе продолжат и понатаму, дека нема да завршат иницијативите кои ги изработија со презентацијата на завршната конференција, туку дека ќе бидат поднесени до институциите кои се надлежни за решавање на тие проблеми и дека ќе успееме да направиме позитивна промена. Ако не, затоа што е многу тешко, барем ќе знаат како оди процесот – од идентификација на проблем, анализа, до спроведување или предлагање конкретни решенија“, вели Билјана Матевска, Програмски координатор на портфолио за одржлив развој во Центарот за истражување и креирање политики.

Она што сигурно ќе остане од школата, додава таа, е регионалната соработка и вмрежувањето.

„Тие 30 луѓе станаа една хомогена смеса. Сега се блиски пријатели надвор од проектните активности, а тоа нѐ прави нас многу среќни“, истакнува Матевска.

Таа подолго време работи во полето за унапредување на животната средина во Македонија и регионот. Она што најмногу ја допира е загадувањето на воздухот затоа што, како што посочува, директно влијае врз квалитетот на живот и нашето здравје.

„Тој проблем е горлив до степен што ме тера да се иселам од државата. Јас работам со млади луѓе и многу често им кажувам дека тие се херои што остануваат тука и се борат со овие проблеми. Затоа што, проблемите со кои ние овде се соочуваме, не само во Македонија туку и во регионот, им се непознати на развиените држави. На нашите пријатели од Западна Европа или Шведска, на пример, не им се верува со какви проблеми секојдневно се соочуваме ние овде“, поентира Матевска.

На повиците за школата пред две години се пријавиле повеќе од 150 млади луѓе, а организациите повторно ќе ја спроведат, затоа што постои голем интерес кај младите да се занимаваат со решавање на еколошките проблеми. Интересот го користат политичарите кои во кампањите велат дека ги слушаат младите, сакаат да ги вклучат и дека овие теми им се важни, но тоа е само „мртво слово на папиру“, истакнува Игор Рогинек од Академијата за политички развој – Хрватска.

„Но ми се чини дека има промена, барем тоа го гледам во Хрватска. Затоа ми е мило што влеговме во оваа регионална иницијатива и што можеме да ги пренесеме искуствата и да ги инспирираме младите“, вели Рогинек.

Како што раскажува тој, тамошните локални зелени иницијативи пред 7-8 години се одлучиле политички да се ангажираат и денеска се на власт во градот Загреб, а имаат и зелена партија која има претставник во Европскиот Парламент. Загреб го решил проблемот со загадувањето на воздухот со големо вложување во обновливи извори на енергија на сите јавни згради и установи.

„За жал, политичката волја е пресудна, но ми се чини дека е важно да се зборува на тие теми. Ако самите граѓани, меѓу кои и младите, ги туркаат тие теми во јавниот дискурс, зборуваат за проблемите и ги ставаат на дневна агенда, тогаш ни носителите на одлуки тоа нема да можат да го игнорираат“, смета Рогинек.

Ангела Петкова