Младите не им се приоритет на општините – тешко оди спроведувањето на Законот за младинско учество

Истечени рокови и незаинтересирани општини – вака накратко би можело да се опише спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики, објави Мета.

Само 12 отсто од општините во Северна Македонија формирале локални младински совети, и покрај тоа што законот ги обврза сите општини тоа да го сторат до јануари минатата година. Канцеларија за млади формирале 11 општини, додека најголем дел – 69 отсто, ја исполниле законската обврска во однос на определување службеници за млади. Младински центри пак, за чие отворање на општините им остануваат уште две години, досега отвориле само 8 македонски општини.

Младите и младинските организации очигледно не им се приоритет на државните институции, со оглед на тоа што и повеќе од 2 години по донесувањето на Законот, голем дел од предвидените механизми за младинско учество и сервиси за млади сѐ уште не се имплементирани.

По иницијатива на Клубот за младински прашања и политики во Собранието на Република Северна Македонија, во 2018 година започна процес за креирање на Закон за млади. Процесот почна по втор пат, откако претходно во 2011 година тогашниот предлог-закон за млади беше повлечен. На 14 јануари 2020 година, Собранието го донесе Законот кој претставува прво законско решение во Северна Македонија кое го гарантира младинското учество  и ги препознава младите и формите на младинско организирање.

Законот за младинско учество и младински политики предвидува и сервиси за млади, односно механизми за доближување на институциите до младите и овозможување нивен раст и развој. Па така, во рамките на законот се дефинирани и канцеларии за млади и младински центри, како и службеници за млади и локални младински совети во општините.

Согласно Законот од јануари 2020 година, во рок од една година по неговото влегување во сила, општините требаше да исполнат неколку обврски, меѓу кои беше предвидено и формирањето локални младински совети, отворањето канцеларии за млади и определување службеници за млади. Рокот за овие обврски истече на 14 јануари 2021 година, а денес, една и пол година по истекот на овој рок, најголем дел од општините сѐ уште не ги исполниле своите законски обврски. Ова го покажува и Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за младинско учество  и младински политики во издание на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Малку Канцеларии за млади и Младински центри

Извештајот кој ја нотира задоцнетата имплементација на законските обврски, покажува дека Локална стратегија за млади досега усвоиле само 14 отсто од општините.

Локалната стратегија за млади е стратешки документ со кој, во согласност со Националната стратегија за млади, се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за развој на младинските политики и унапредување на интересите на младите на локално ниво и се утврдуваат организациски, финансиски и административни мерки за нивно остварување. Стратегијата за млади претставува основа за развој на локалните младински политики на општината во петте години по нејзиното донесување. Ваква стратегија донеле 11 општини – Боговиње, Велес, Гостивар, Илинден, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Лозово, Струмица и Чаир. Акциски план за реализација, пак, донеле само 6 општини.

Сите општини, согласно законот, имаат обврска да отворат Канцеларија за млади, која ќе претставува примарна точка за пристап на младите на локално ниво. Таму можат да се обратат сите млади лица од општината и да се информираат во врска со прашања поврзани со младите.

Но, и покрај истекот на законскиот рок, Канцеларија за млади отвориле само 14 отсто од општините во државата, додека процесот е започнат во само една општина. Во најголем дел од општините, нема ниту најава за отворање на ваква канцеларија.

Слична е состојбата и со Младинските центри, за чие отворање општините имаат рок од пет години по донесување на законот. Некаде на половина од овој рок, Младински центар отвориле само 8 општини.

Целта на постоењето на Младинските центри е да се обезбеди соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите и нивно активно вклучување во животот во заедницата.

„Младинските центри претставуваат места каде што се подготвуваат и се спроведуваат програми што ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите. Младинските центри претставуваат можност за локалните власти да склучат партнерства со формите на младинско организирање кои работат во тие општини, со цел младите од општините да имаат пристап до квалитетни програми за нивниот развој“, појаснува Филип Кулаков од Националниот младински совет на Македонија.

Процедурата за отворање младински центри и обезбедување на нивниот квалитет е дополнително утврденa со Правилник за стандарди за квалитет на младинските центри, кој е донесен од страна на Агенцијата за млади и спорт. Според искуството на оние општини каде веќе се отворени Младински центри, проценето е дека минумум потребни средства за спроведување на годишна програма што општината треба да ги обезебеди се 600.000 денари.

„Овде важно е да се напомене дека само дел од општините ги исполнуваат стандардите за квалитет на младинските центри, како општините Кавадарци, Куманово, Охрид и Велес. Младинските центри во останатите општини се отворени со донаторска поддршка и тие функционираат пред донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, и кај таквите очекуваме општините да продолжат да инвестираат во нивно функционирање и да склучат партнерства со формите на младинско организирање со цел спроведување на квалитетни програми“, вели Кулаков од НМСМ.

Локални младински совети

Иако Законот предвидува креирање на локални младински совети во сите 81 општина во земјата, оваа обврска, и по истекувањето на рокот, ја завршиле само 11 општини – Валандово, Делчево, Кисела Вода, Кочани, Кратово, Могила, Новаци, Охрид, Пласница, Свети Николе и Струмица.

Во извештајот на НМСМ се забележува дека дел од општините кои формирале локален младински совет, дополнително одговориле дека немале распишано јавен повик за него, што е спротивно на законските чекори за формирање на Локален младински совет.

Во општините каде локалните младински совети функционираат, истите веќе работат на своја промоција и запознавање на младите со нивната работа, како што тоа го прави Локалниот младински совет во Охрид.

„Како прва генерација на Локален младински совет кој е во редовна функција, би рекле дека работите одат добро. Сплетот на околности нè приморало некои работи да ги одложиме за покасна реализација, но, сепак, без разлика на препреките на кои сме наишле, младите со нивните идеи и предлози ни се на прво место“, вели Теа Петкоска од Локалниот младински совет во Охрид.

Младинскиот совет во оваа општина веќе преминал и кон реализација на предвидените проекти, а како главен проблем за младите во градот покрај Охридското езеро, го посочуваат недостатокот на настани и активности во зимскиот период.

„Како главна цел на овој мандат ни е отварање Младински културен центар во Охрид, поради потребата на младите од место во кое ќе можат да го поминуваат слободното време исполнето со културни настани. Оваа цел веќе е во фаза на реализација и веќе младите ќе можат да уживаат во поволностите кои ќе бидат понудени. Како главни проблеми со кои младите во Охрид се соочуваат е недостатокот на културни настани за време на зимскиот период. Младите немаат можност да се развиваат на тоа ниво и најчесто нивното секојдневие се состои од повторување на истите активности, па брзо сè тоа преминува во монотоност“, додава Петкоска.

На другата страна од државата – на исток, најголем проблем со кој се соочуваат општините е масовното иселување на младите, но и големата незаинтересираност за вклучување во процесите на одлучување на локално ниво. Поради ова, локалните младински совети во општините каде функционираат, се насочени кон пронаоѓање решенија за задржување на младите дома. Таков е примерот со Локалниот младински совет во Делчево, кој остварил неколку средби со младите на кои се собрале предлози за подобрување на животниот стандард на младите во оваа општина.

„Главните проблеми со кои се соочуваат младите во Општина Делчево, како и во другите помали општини на истокот, се нивното масовното иселување, големата невработеност помеѓу младите, ниските плати и ограничените можности за кариерен развој. Од друга страна, најголем дел од младите се незаинтересирани за политичките и опшествените настани и случувања и немаат волја за поголемо вклучување во процесите на одлучување на локално и национално ниво“, вели за Мета.мк Милица Стојковска, службеничка за млади во Општина Делчево.

Дел од Службениците за млади не се свесни за своите надлежности

Исклучок од малата имплементација на обврските од Законот за младинско учество е именувањето Службеници за млади, обврска која ја исполниле 69 отсто од општините. Но и овде, над 30 отсто од општините го пропуштиле законскиот рок и уште не именувале Службеник за млади – лице кое ќе биде одговорно за работењето на Канцеларијата за млади во општината и кое ќе ги координира и спроведува прашањата од интерес на младите.

Очигледно е дека општините покажале најголем интерес за исполнување на оваа обврска, која примарно се состои од именување на веќе вработено лице во рамките на општините.

Кулаков од НМСМ вели дека, и покрај тоа што некои општини веќе ги исполните своите законски обврски, голем дел од нив не се добро запознаени со Законот за младинско учество и младински политики и во голем дел не прават разлика помеѓу Младински центар и Канцеларија за млади, а дел од Службениците за млади и самите не биле свесни за својата улога и надлежности.

Кулаков забележува дека здравствената и економската криза предизвикани од ковид-19 биле редовно користени како изговор за задоцнетата имплементација на Законот за младинско учество и дека, со тоа, локалните власти покажале оти младите не им се приоритет.

„Факт е дека периодот од изминативе две и пол години по донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики го одбележаа здравствени, економски и политички кризи, кои редовно беа користени како изговор за задоцнетата имплементација на одредбите од законот. Со задоцнетата имплементација на Законот, институциите и локалните власти ја пропуштија можноста навистина да покажат дека младите се нивен приоритет. Младите во овој период останаа само приоритет во изборните ветувања, а недостатокот од имплементацијата на законот само го зацврстува ставот на младите дека се наоѓаат ниско на агендите на носителите на одлуки“, смета Кулаков.

Во документот на НМСМ е истакната потребата од итно спроведување на одредбите во Законот за младинско учество, особено на општинско ниво. Потребна е професионализација на Службениците за млади со цел тие поконкретно да се запознаат со своите надлежности и обврски и да се обезбеди стабилност на позицијата, а не нејзино ротирање меѓу вработените во општините. НМСМ препорачува и отворање јавни расправи за измена на Законот и унапредување на законскиот текст, базирано на научените лекции од последните две години.

Роковите за дел од обврските што ги имаа општините можеби поминаа, но останува надежта и шансата на локалните власти да покажат дека младите им се важни општествени чинители и да ги исполнат своите законски обврски, макар и по истечените рокови.

Мета