Младинските проблеми во фокус на три нови истражувања

Младите истражувачи Стефан Дојчиновски, Јоана Тренеска и Стефан Видиков, периодов се фокусираа на младинското претприемништво, идеологијата на младите и улогата на образованието, како и на новиот модел на студентско организирање. Тие работеа на истражувања, кои ги подготвија со своите ментори, а денес ги претставија во рамки на промоцијата организирана од Младинскиот образовен форум.

Па така, авторот Стефан Дојчиновски, под менторство на Симонида Кацарска, преку своето истражување покажа дека испитаниците, односно младите претприемачи, едногласно се незадоволни од можностите што ги нуди формалното образование.

Тој наведе дека тие се незадоволни поради тоа што образовниот процес не вклучува изучување на вештини за водење на сопствен бизнис.

„Тие исто се едногласни дека формалното образование, со фокус на основното и секундарното образование кое инклинира кон традиционалните вредности. Истовремено, испитаниците сметаат дека во образовниот процес нема место за критичко размислување, мотивација и градење на самодоверба“, посочи Дојчиновски.

Истражувањето покажува дека владее и скептицизам и негативни ставови кон претприемништвото и самовработувањето како кариерна опција кои се доминантни кај родителите на младите луѓе.

Испитаниците посочиле дека се финансираат сами, со сопствени или средства на нивното семејство, а наведуваат дека потребни се големи напори за воспоставување на бизнис односи, односно дека бизнис заедницата гледа со скептицизам кон младите претприемачи.

„Традиционалните финансиери како банките, младите ги сметаат за ризична категорија, а постои и ограничување во оваа сфера поради непостоење на алтернативи за финансирање кои ќе доведат до раст и развој на нивните бизниси. Младите претприемачи го посочуваат ФИТР институција со потенцијал, односно добра алтернатива, но според нив пречка се големите бирократски процедури“, истакнува Дојчиновски.

Тој дополнува дека испитаниците администрацијата ја гледаат како огромна пречка, бидејќи ја опишуваат како корумпирана.

Според препораките на истражувањето, потребно е да се смени наставната програма, односно тие да бидат насочени кон учење на практични вештини. Посочено беше дека младите своите знаења од оваа област своите знаења највеќе ги добиваат преку неформално образование, што значи дополнителни ресурси – време и финансии.

Истовремено, потребни се промени во наставните програми во кои се предава и учи бизнис и претприемништво, соодветно регулирање и воведување на современи модели за финансирање на стартапите, дигитализацијата на администрацијата и поедноставување на постапката за стечај и ликвидација за млади претпријатија, со што би се намалила бариерата за излез при евентуален неуспех.

Во истражувањето „Улогата на образованието во идеолошките гледишта на младите во Северна Македонија“, под менторство на Борјан Ѓузелов, авторката Јоана Тренеска потенцира дека образованието игра пасивна, маргинална улога во идеолошките ставови, иако бројни трудови покажале дека подолг образовен процес доведува до полиберални ставови и поддршка за демократски практики.

„Фактори што се пресудни, или подоминантни причинители се возраста, полот, местото на живеење и слични карактеристики. Имено, млади од рурални средини кои се повозрасни, имаат поголема веројатност да се поконзервативни, и да ја поддржат идејата дека на ЛГБТ заедницата не им е место во политиката, дека мажите се подобри политичари од жените и дека на нашата земја ѝ треба лидер со цврста рака“, посочува истражувачката.

Препораките на Тренеска вклучуваат ажурирање на наставните програми и едукација на наставниот кадар, при што младите преку својата секундарна социјализација ќе изградат либерални ставови и отпор кон авторитарни практики.

Во Анализата на новиот модел на студентско организирање: Искуства на студентските претставници при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на Мартин Галевски, авторот Стефан Видиков меѓудругото вклучил и 105 испитаници од УКИМ и шест интервјуа на студентски претставници.

„Новиот модел на студентско организирање е имплементиран на УКИМ, УКЛО и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а не е имплементиран на Тетовскиот универзитет“, посочи Видиков.

Според наодите на истражувањето на Видиков, претходниот модел инволвирал помалку луѓе, а новиот опфаќа повеќе лица, со што е зголемена демократичноста и студентското претставување.

Сепак, забележана е мала излезеност на студентските избори, посочува авторот, додавајќи дека наодите се во сенка на пандемијата, односно испитаниците своите ставови ги искажале преку искуствата во пандемичниот период.

„Проблем прави слабата интеракција помеѓу студентите и студентските претставници, а голем дел од испитаниците сметаат дека не секој може да биде студентски претставник и во интервјуата се вели дека тоа мислење произлегува од тоа дека улогата е луксуз за студентите кои истовремено студираат и работат“.

Видиков забележува дека најголемиот проблем, односно сферата во кој новиот модел забележува најмал успех е малото влијание кое студентските претставници го имаат врз деканатските установи и телата за носење на одлуки.

„Забележуваме дека влијанието врз овие тела е многу мало, а многумина од студентите сметаат дека тоа не е добро“, вели Видиков, додавајќи дека постои и слаба координација меѓу активностите на УСС и ФСС.

Генералната оценка од истражувањето е дека новиот модел на студентско организирање е пофункционален од претходниот, но може да биде подобрен.

„Но тоа зависи од претставниците и формално, не треба да се направат крупни промени, туку тоа зависи од напорот што го вложува индивидуалниот претставник“, заклучи Видиков.

Ивана Смилевска