Младинските организации со полни раце работа и предизвици ја дочекаа пандемијата

Во услови на пандемија, младинскиот сектор се впушти во низа предизвици како да опстојува и работи за време на кризната состојба. Младинските организации ги реорганизираа своите активности и настани, се адаптираа и „преселија“ онлајн, станаа креативни и иновативни, додека финансиите и одржливоста останаа дополнителен залак за да бидат во тек со потребите на младите во земјава.

Владимир Костовски, генерален секретар на Сојуз на извидници на Македонија (СИМ), за Радио МОФ вели дека извидниците се залагаат против зачестено користење технологија, мотивирајќи ги децата и младите да излезат надвор во природа. Сепак, со прогласување на вонредната состојба и полицискиот час, главен предизвик било драстично да го променат пристапот кон децата, младите и членството.

„Сите тие кампови, собири, хајкови во природа планирани за пролетната сезона согласно годишната програма, требаше да ги замениме со активности според препораките на властите. Од кампања за ‘#ИзлезиНадвор – направи добро дело’ во февруари 2019, во 2020 започнавме кампања за #СедиДома #ИзвидиодДома“, раскажува Костовски.

Владимир Костовски

Активностите на СИМ опфаќале три фази. Преку кампањата #Извидиоддома #седидома работеле на стекнување вештини и на креирање содржини за младите квалитетно да поминат слободно време. Потоа се вклучиле и во директна работа на терен.

Преку 50 волонтери биле ангажирани онлајн, исто толку давале поддршка за заедниците.

Роверите, односно извидниците на возраст од 18 до 29 години, доставувале храна до ранливи категории. Нуделе и поддршка да се одржи физичка дистанца во прометни локални маркети, помагале да се пакуваат прехрамбени производи, поставувале шатори и давале разна логистичка поддршка.

„Задоволство е да се гледа како сите тие млади луѓе имаат чувство на припадност и обврска кон себе и помладиот да придонесат во справување на ситуацијата. Горд сум на секој од нив, заедно сме дел од движење со коe несомнено ‘создаваме подобар свет’“, вели Костовски.

Третата фаза значела градење капацитети од една страна, и одржување на контактот меѓу лидерот и извидниците, од друга страна. Ова вклучило сет онлајн предавања. Младите стекнувале „меки“ вештини, вештини за активно вклучување во опшеството, лидерски вештини, справување со вонредната состојба итн.

Наместо лице-в-лице состаноци во одредски простории и природа, под мотото „запознав другарче од друг град“ се одржувале виртуелни состаноци со извидници од земјава.

„Можам со сигурност да кажам дека покрај сите предизвици, активностите кои произлегоа како одговор на вонредната состојба, ја засилија извидничката организација во поглед на вмрежување на волонтерите и не направија посплотени, посилни, повешти и поиновативни во секој поглед“, констатира Костовски.

Активности да го задржат вниманието, менталното здравје и благосостојбата на младите

И ХЕРА Млади, групата што е дел организацијата ХЕРА, активностите ги преселиле онлајн. Ако претходно биле 20% онлајн, сега – 100%, фокусирани истовремено и на младинските центри, вели Мери Цветковска, координаторката на младинската група.

Мери Цветковска

Уште на стартот на карантинот забележале дека кај младите и граѓаните имало блага паника. Таа со тек на време растела, па растел и бројот на јавувања кон ХЕРА. Независно од дома или надвор, младите вртеле телефони, исто како и пред карантинот, за секакви актуелни прашања, врзани и со сексуално образование, сексуално преносливи болести…

„Како се јави потреба да добијат прашања, така и кај нас – веднаш да одговориме. Доста од нив не беа класични прашања, туку психолошка поддршка која младите сакаа да ја добијат. На суптилен начин преку разговор, ќе дадеа до знаење дека не им е баш сеедно со новонастанатата ситуација“, вели Цветковска.

Морало да се најде начин низ вонредната состојба да смислат активности што би го држело вниманието, менталното здравје и благосостојбата на младите. Предизвик бил и да развијат онлајн едукации, методолошки исправни и квалитетни, претходно консултирани со авторите на прирачници. Исто така, да се овозможи и компаративно искуство од други држави. Одржувале и Zoom состаноци.

Според Цветковска, најважно било да не е оставено секој да се справува „со свој талент и импровизација“. Туку, да биде во квалитетна рамка, со супервизија на едукацијата.

„Исто така, имаше дополнително две обуки со психотерапевт, наменети да се задржи и добрата ментална состојба на самите едукатори. И тие беа дома, во нова ситуација. Во предвид ги земавме сите аспекти. Истовремено течеше и емисијата ‘Секси маало’, која ја префрливме на стриминг во живо на Фејсбук. И, тоа одеше континуирано, секоја среда со огромен рич. Поради авторското право на песни, викнавме волонтерка за свирки во етер. Вера свиреше и пееше“, раскажува Цветковска.

„На младите им се потребни младите и врсничкото учење“

Стефани Спировска

Според Стефани Спировска, претседателка на Младински образовен форум (МОФ), во услови на целосна промена на општественото функционирање, покрај тоа што е променет начиниот на имплементирање на сите активности, најограничувачки за МОФ е изоставањето на младински активности, како акции, волонтирање и настани.

„На младите им се потребни младите и врсничкото учење, од една страна сме ограничени во физичкиот простор, но тоа не’ мотивираше да креираме повеќе онлајн и дигитални активности за слободното време на младите, со цел да продолжат да ги градат нивните капацитети и вештини“, нагласува Спировска.

МОФ веќе организираше низа онлајн (Из)вонредни предавања. Исто така, (Из)вонредни проекции и дискусии со филмаџии, потоа онлајн дебати за образование, курсеви за аргументирано изразување, едукативни видеа, а закажано е и онлајн Национално дебатно првенство.

Од административна гледна точка, вели Спировска, добро е тоа што донаторите имаат разбирање и овозможуваат модификација на активностите. Меѓутоа, потенцира дека кај младинските организации останува грижата за понатамошно финансирање и обезбедување финансиска сигурност во услови на здравствена криза и целосно ограничено функционирање.

Предизвик е одржување на годинешно Собрание на организациите 

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) е чадор организација на повеќе младински организации. Координаторката за членство во НМСМ, Александра Филипова, потенцира дека организациите се’ уште се соочуваат и со предизвикот за одржување на годишното Собрание.

Александра Филипова

Доколку во Статут не е предвидена опција за електронско Собрание, поднесените документи во Централен регистар не би се сметале за важечки.

„Годишните финансиски и наративни извештаи исто така треба да се усвојат од Собранието, за да може да се исполни законската обврска за нивно објавување на веб-страната на организацијата. Веројатно сите ние по завршувањето на пандемијата би требало да размислиме како да го унапредиме овој дел од нашето работење, со цел да не се соочуваме со истите предизвици и во иднина“, вели таа.

Работата на НМСМ уште од средината на март ја префрлиле на електронските платформи како Hangouts и Zoom, преку работа од дома.

„Можам да кажам дека брзо успеавме да се прилагодиме на целата ситуација со Ковид-19, но секако во ова прилагодување помогна и разбирањето кое донаторите го имаа за реструктурата на проектните активности. Се фокусиравме на програмските активности и работа и состаноци со членство, бидејќи тие полесно се изведуваа преку електронски канали на комуникација“, потенцира Филипова.

Препораки за намалување на негативните ефекти од кризата врз младите

12 здружени младински организации пред еден месец oбјавија документ „Млади во криза“. Преку него упатија конкретни препораки, поделени по неколку области, за да се намалат ефектите од здравствено-економската криза, посебно врз младите.

„Иако документот беше добро прифатен при електронската комуникација и состаноците, сепак може да се забележи дека речиси половина од препораките не влегоа во пакет мерките кои беа усвоени од надлежните институции. Сепак, станува збор за ситуација чии последици ќе ги чувствуваме долго време, па се надеваме дека секоја од препораките ќе си го најде своето време и место и дека ќе се мисли на сите категории на граѓани“, забележува Филипова од НМСМ.

Преку заедничкиот документ, организациите велат дека проценките на ефектите од економска криза укажуваат дека цели групи луѓе ќе паднат во сиромаштија. Младите како работници со често погазени работнички права, се меѓу првите кои ги трпат последиците од отказите.

„Стапката на невработеност за 2019 година изнесува 35%, двојно повеќе од просечната невработеност. Младите се најсклони кон иселување од земјата, како еден од проблемите кој ја загрозува иднината и појава која се проценува дека ја чини земјата 333 милиони евра годишно во просек, или 3.1% од БДП“, стои во документот.

Затоа, преку итни препораки побараа право на паричен надоместок за млади невработени лица додека трае вонредната состојба. Меѓу другото, да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), бесплатно правно советување и консултации за млади, препорачаа државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби, промена на законот за здравствено осигурување и зголемување на возрасната граница до 29 години…

Во поглед на образованието, меѓу другото, препорачаа МОН да обезбеди еднаков пристап до онлајн образование за сите ученици од земјава, да отвори ИТ телефонски центар за поддршка на наставници, но и да изработи план за спроведување настава за учениците со попречености и услови за образовните асистенти.

Понатаму, да се организира систем на поддршка за ментално здравје на млади. Посебно одделение при МВР да биде во служба на младите, маргинализираните и жртвите на семејно насилство, но и итно да се имплементира Законот за абортус, достапна и легална терапија за медикаментозен абортус.

Бојан Шашевски