Младински конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“

Четврта година по ред, во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, кој се одбележува на 31 октомври, новинската агенција Мета.мк објавува Конкурс за краток хорор расказ. Годинава конкурсот повторно го организираат во соработка со Книжевниот центар „Антолог“.

Право на учество на конкурсот имаат сите млади лица на возраст од 16 до 29 години.

„Трудовите треба да бидат ваши и оригинални, односно не смеат да бидат преземени или копирани од веќе објавени приказни во каков било вид домашни или странски медиуми. Не е дозволено учество со содржини напишани и копирани од генеративна вештачка интелигенција, односно од чет-ботови како ‘ChatGPT’ или ‘Бард’“, стои во повикот.

Во расказите треба да доминираат морничави и мистериозни случувања во кои се опишуваат натприродното, необјаснивото и непознатото или пак се истражуваат темните аспекти на човековата психологија.

Кратките раскази се испраќаат на адресата info@meta.mk со назнака „Конкурс за краток хорор расказ“ најдоцна до 28 октомври, сабота, до 12:00 часот напладне.

Повеќе инфо ТУКА.