Млади од Скопје се запознаа со можностите на креативните индустрии преку Саем и дискусии

Во средното училиште на Град Скопје „Владо Тасевски“ млади имаа можност да проследат панел дискусијата „ARTech“ – Креативност без граници како и Саем за креативни индустрии.

Со фокус на уметничката креација во дигиталните технологиии, на панел дискусиите беа разменети искуства за поврзаноста на уметноста со технологијата, за графичкиот дизајн и современата уметност, за тоа каков е патот од креативноста до иновацијата, за практичната употреба на технологијата во уметноста и дигиталниот маркетинг.

„Реномирани експерти и професори од скопските средни училишта пред учениците ги споделија своите знаења од областа на графичкиот дизајн, иновациите и дигиталниот маркетинг, а средношколците ги претставија своите креативни изуми“, велат од Град Скопје.

На Саемот за креативните индустрии за млади, со свои инсталации и изуми се претставија наградени средношколци, кои во своите иновации ги спојуваат уметноста и технологијата.

Поврзувањето на уметноста со технологијата и визуелните уметности, стануваат се поинтересни и попривлечни како професионална определба за младите луѓе, а од Град Скопје посочуваат дека ваквите активности ја поттикнуваат нивната креативност и го стимулираат нивниот интерес за новите технологии што ќе им помогнат полесно и побрзо да се вклучат на пазарот на труд.