Министре, благодариме што не доаѓаш – порака на белградските активисти од „Окупација на кината“

„Движењето за окупација на кината“ кое веќе со недели го оживува белградското кино „Ѕвезда“, во петокот уште еднаш го повика министерот за култура, Иван Тасовац на дијалот.

Тие се одлучија да му испратат порака на министерот на истиот начин на кој Тасовац претходно, додека ја водеше Белградската филхармонија ги провоцираше минувачите на улицата позната како Силиконска долина.

Тие пред министерството реализираа мал перформанс и преку својот „раштиман“ оркестар му порачаа на Тасовац – Благодариме што не доаѓаш – токму како што Белградската филхармонија преку својата герила акција во 2011 им порача на граѓаните – Благодариме што не доаѓате.

„Со овој чин пред Министерството за наука, членовите сакаат уште еднаш да разјаснат дека, ако досега не било јасно, ова претставува повик за решавање на проблемите и за состојбата во којашто се наоѓа културата. Не знаеме кој е и дали има надлежност, но претпоставуваме дека културата се однесува на министерството за култура“, велат од „Движењето за окупација на кината“.

Веќе три недели откако започна ова движење, министерот се нема изјаснето на ова прашање. Досега се одржаа голем број на дискусии и се појасни ставот дека не се работи само за едно кино, туку дека станува збор за апел за општата сосотојба на културата во државата.

Во писмениот допис што „Движењето за окупација на кината“ го прати, беше закажан состанок со министерот кој потоа се откажа со образложение дека министерот има обврски и дека нема да може да ги прими, туку дека ќе испрати некој. После тоа, никој не му се обрати на Движењето, а претходно бил одбиен допис под изговор дека Министерството повеќе не работи, иако било во 15:40 часот во работен ден, кажува претставник на „Движењето за окупација на кината“.

На 21 ноември, во вечерните часови, повеќе од двесте луѓе, го окупираа киното „Ѕвезда“ во Белград. Оттогаш, оваа група на луѓе тука спие, го средува киното и ја пречекува публиката која доаѓа на проекции попладне и навечер. Бројни претставници од културата се вклучени во реставрацијата на киното бидејќи во процесот на приватизација кината што биле дел од „Белградски филм“ денес се наоѓаат во катастрофална состојба.