Активисти цела недела го држат под окупација кино „Ѕвезда“ во Белград

На 21 ноември, во вечерните часови, повеќе од двесте луѓе, дел од движењето „Окупација на кината“ го окупираа киното „Ѕвезда“ во Белград, пренесоа српските медиуми. Оттогаш, оваа група на луѓе тука спие, го средува киното и ја пречекува публиката која доаѓа на проекции попладне и навечер.

Процесот на приватизација ги опфати кината што биле дел од „Белградски филм“, а денес тие се наоѓаат во катастрофална состојба. Според изјавите на младите волонтери кои во моментов работат на расчистување внатре во киното, велат дека има проблеми со водата. Кровот пропушта секојпат кога врне. Струјата мора рационално да се користи, во спротивно би останале и без неа.

Со прикажување на филмот „Непослушни“ од Мина Ѓукиќ, на симболичен начин започна акцијата на средување на напуштениот простор и борбата за одржување на српската кинематографија.

Режисерката Ѓукиќ вели дека оваа акција не се однесува само за киното, туку и за односот што го има Србија кон културата.

„Очекуваме дека киното ‘Ѕвезда’ ќе стане простор за кој во својата организација нема да нуди само пазарна логика. Мислам дека преку посетеноста и лојалноста на луѓето докажавме дека тие сакаат да функционираат кината и во некои други системи. Вулгарната употреба на капитализмот ја оштети културата бидејќи ја третира како производ и ѝ бара цена, а сметам дека треба да ги зголемиме работите што немаат цена“, изјави таа за српските медиуми.

Според активистите, окупацијата е единствениот начин да се чуе „врисокот“.  Тие сметаат дека окупацијата сепак успева да промени нешто.

„Промените се до тој степен што видовме дека апсолутно не е точно тврдењето дека нема интерес за култура и уметност. Кога ќе видете човек кој ќе заплачи бидејќи киното повторно започнало со работа, кога ве застануваат на улица за да ви кажат дека сте им дале надеж, кога добивате илјадници пораки за поддршка и кога секој ден доаѓаат голем број млади луѓе кои се подготвени да се вклучат на секој начин – некако не можете да бидете рамнодушни“, изјави во интервју  срски медиум,  драмскиот писател и дел од движењето, Маја Тодоровиќ.

Кино „Ѕвезда“ со години претставуваше затворен простор кој беше под катанец после приватизацијата од 2007 година. Општинскиот одбор за култура најави дека ќе прати допис до надлежните државни иницијативи со цел да се преиспита приватизацијата на белградските кина.

Киното во 2007 година му било продадено на бизнисменот Никола Ѓивановиќ кој купи уште 13 други кино сали во Белград. После големите купопродажни бизниси кои го одведоа Ѓивановиќ во затвор, кината останаа затворени или продадени за други потреби.

Тие во средата одржаа трибина на кој се зборуваше дали окупацијата на киното може да биде решение за наоѓање нови модели за управување со јавните добра и културата. Активистите најавуваат дека нема да се откажат од откажат од овој простор. И денеска тие останаа во киното каде што продолжуваат со најавените проекции.