Министерството за животна средина најави изработка на Законот за заштита на почвите

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, денеска, ја отвори работилницата „Развој на регулатива за управувањето со почвите“, со која започна постапката за изработка на Законот за заштита на почвите.

„Истакнувајќи дека избегнувањето на деградацијата на почвата е од клучно значење за нашата и благосостојбата на биодиверзитетот, министерот Нуредини кажа дека Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон подготвување на посебен закон, со кој ќе се уреди управувањето и заштита на почвата, идните политики и мерки што треба да ги преземат националните и локалните власти, и со кој јасно ќе се дефинираат институционалните надлежности и финансирањето во однос на заштитата на почвата“, соопштија од МЖСПП.

Според ресорното министерство, тој процес е поддржан преку проектот „Промовирање на одржливо управување со земјиштето, преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење на капацитети и обновување на најранливите планински предели“, кој е финансиран од Глобалниот инструмент за животната средина (Global Environmental Facility – GEF) и спроведуван од страна на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (United Nation Environment Programme – UNEP), и во чии рамки се одржа и оваа работилница.

„На настанот беше презентиран Планот за вклучување на чинителите во изработката на Законот за заштита на почвите, со што ќе се даде основа за транспарентно и јавно вклучување на сите заинтересирани страни во изработката на законот. Исто така, се дискутираше и за предизвиците околу управувањето со почвите и притисоците кои негативно влијаат врз квалитетот на почвите“, велат од министерствотo.

Од таму посочуваат дека целта на работилницата била да ги идентификува сите чинители кои имаат надлежности врз почвите и со своето дејствување влијаат врз квалитетот на почвите, како еден од медиумите на животната средина.

„Таа е прва од низата работилници и дебати кои ќе бидат организирани во рамките на проектот, кои ќе придонесат кон изработка на добра правна рамка за заштита на почвите низ транспарентен процес. Почвата ја обезбедува примарната основа за егзистенција и благосостојба на луѓето, вклучувајќи го снабдувањето со храна, слатка вода и повеќе други екосистемски услуги, како и ја обезбедува егзистенцијата на биодиверзитетот. Човечката употреба директно влијае на квалитетот на почвата на повеќе од 70% од глобалната копнена површина, не вклучувајќи ја површината под мраз. Почвата, исто така игра важна улога во климатските промени и одржливото управување, и истата значајно може да придонесе за намалување на негативните влијанија на повеќе стресни фактори“, соопштува министерството.

Почватата во земјава останува единствен медиум од животната средина кој се уште не е правно уреден и кој се користи, пред се како ресурс, без при тоа да има утврдени мерки кои треба да се преземат заради добро управување и заштита на почвите.

Радио МОФ веќе неколку пати објавуваше за 16-те жешки еколошки точки, утврдени уште во 2005 година. Инвентарот дојде по декади индустријализација, засилено експоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија цели загадени локалитети, почви и депонии.

Еколошките жешки точки се решаваат со брзина на полжав

Пример, депониите со линдан во кругот на фабриката ОХИС се на врвот на овој список. Тоа е наследство од депонирање пестициди, опасни неразградливи органски полутанти. Досега, има само активности за чистење на малата, но не и поголемата депонија со опасниот линдан.

Друга жешка точка е некогашната Топилница во Велес. Научници и еко-организации ја испитуваа почвата, утврдувајќи високи концентрации на тешки метали како кадмиум, цинк и олово. Со секое дување на ветрот од почвата се разнесува токсичен прав. Лета насекаде. Почвата е длабоко загадена, па е загаден и зеленчукот, кој потоа наоѓа пат до домашните трпези.

Уште една проблематична жешка точка е Лојане, поранешниот рудник за хром, арсен и антимон во кумановско, затворен во 1970-те. Таму има депонија со 15.000 тони арсенски концентрат, арсен сулфид, кај селата Лојане и Ваксинце. Во непосредна близина на депонијата се наоѓа и училиштето „Рилиндја“ со околу 400 деца.

„Децата ни се жртви на арсенот“ – рударскиот локалитет „Лојане“ фатален за жителите од липковските села

Во „жешките точки“ влегува и поранешниот „Југохром“, каде до 1992 година се произведуваше ферохром, легура на хром и железо. 1990-ите се продаде Топилницата и почна производството на феросилициум, исто така добар на пазарот. Целиот отпад од ферохромот, од 1950-ите навака – таа троска е депонирана без контрола. Југохром“, а потоа и фабриката „Силмак“, работеше без еколошка заштита. Во меѓувреме се изгради пречистителна станица кај Јегуновце, но проблемот со шествалентниот хром репризно се актуелизира години наназад, а активисти алармираа и дека отров со жолто-зеленикава боја се прелева во Вардар.

Проблем е и депонијата со отпаден гипс од ХИВ-Велес, која е надлежност на државата. Радоактивноста на тој отпад е некаде околу 700 бекерели по килограм, а според нашите регулативи, се’ што е над 500 се смета за радиоактивен отпад, подлежен на строги мерки на заштита.

Во однос на жешките точки, реномираниот професор Трајче Стафилов рече дека загадување над интервентната (акциска) граница треба да значи забрана за секаква активност, дури не се исчисти почвата. Односно, забрана за обработка, садење и консумација. Но, тоа не се случува кај нас, бидејќи немаме законски органичувања за токсични супстанции во почва, туку само стари правилници со вредности за метали во зеленчук.