Министерството за здравство три месеци не одговорило на барањата на дијабетичарите, сега се обраќаат до новиот министер

Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија вели дека долго време Министерството за здравство не е транспарентно во работата, а во меѓувреме ја намалува терапијата и не одговара на нивните барања. Токму затоа, оттаму јавно му се обраќаат на новиот министер Азир Алиу посакувајќи му добредојде на позицијата и поставувајќи му прашања на чиј одговор се надеваат веќе три месеци.

Според Сојузот, има нови 500 пациенти кои имаат потреба од терапијата Оземпик, но количината е намалена и далеку од доволна за да ги задоволи потребите. Па затоа, прашуваат кој и зошто не ја пушта целосната количина и дали постои научен доказ врз кој се прави намалувањето, како и зошто се скратени количините на Инсулини, Рајзодек и Новомикс 30.

„Кој без никаква наука наложува аптеката сама да врши замена за 9000 пациенти на кои им вршите промена без консултации?“, нагласуваат од сојузот.

Исто така, оттаму сакаат да знаат и дали се штеди буџет на нивните 40 илјади животи и нивното здравје и зошто не се реализира „наводно зголемената количина од 30% на новиот тендер за достава на терапија (инсулини и анти-дијабетна) низ државата“.

„Колку време им треба на Национална комисија за дијабетес и заменик-министерот заедно со службите да одговорат на нашите барања за минимум стандарди и критериуми за набавка на ленти и сензори?“, го прашуваат Алиу од Сојузот на здруженијата на дијабетичари надевајќи се на одговор.

Фото / визуелизација: Сојуз на здруженија на дијабетичари