Министерството за информатичко општество и Здружението на новинари со меѓусебни обвинувања за медиумите

Целта на субвенционирање на проектите не е купување на наклонетоста на медиумите, туку стимулирање и помагање на домашното медиумско производство, заради поголема квалитативна програмска понуда на гледачите, реагира Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на информациите што ги изнесе Здружението на новинарите на Македонија.

„Станува збор за исплата на надоместок за покривање на трошоците во висина од 50% при производство на домашната документарна програма и на домашната играна програма. Изминатите неколку години, македонските национални медиуми и јавниот сервис произведоа сопствена програма, која ја збогати програмската понуда со нови видови на содржини кои обработуваат различни области од нашето општествено живеење, со теми од историјата, културата, традицијата и фолклорот, потоа детска програма, како и производство на играна програма која дотогаш и да ја немаше во медиумите“, се наведува во соопштението од МИОА.

На јавниот повик, додаваат од таму, учествуваат сите национални тв куќи, без оглед на нивната уредувачка, програмска или политичка определба, а досега не е евидентирана ниту една забелешка или тужба од нивна страна.

Министерството истовремено тврди дека во 2014 година исплатило вкупно 32.946.324 денари, во 2015 година – вкупно 30.184.446 денари, додека во 2016 година вкупно 30.062.150 денари.

„Станува збор за исплатени средства на ЈП Македонска радиотелевизија, ТРД Сител, ТРД Канал 5, ТРД Телма, ТРД Алфа и ТРД Алсат М. Овие бројки не соодветствуваат со податокот објавен на денешната прес-конфернција на ЗНМ, каде што беше наведено дека се потрошени 700.000.00 eвра во 2016 година за оваа намена. Од податоците и фактите изнесени на денешната прес-конференција (на ЗНМ) очигледно е дека Насер Селмани сега, како и обично, не зборува вистина и дека тој лично нема интерес да се негува македонската култура и традиција“, пишува во реакцијата од МИОА.

Инаку, по оваа реакција, со свој став на Фејсбук повторно се јави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, тврдејќи дека министерството се демантирало самото себе. Истовремено тој приложи и документи.

Документите што ги презентира Селмани

„Негираат дека во 2016 година потрошеле 700 илјади евра за потикнување на домашната продукација во националните телевизии, а тој податок ЗНМ лани го доби токму од оваа министерство. Во писмениот допис на МИОА објавен на овој пост, во четвртиот пасус јасно се гледа дека имаат предидено 43 милиони денари за производство на домашна документарна програма или домашна играна програма за 2016 година. Пред да се демантираат нашите податоци, МИОА требаше да ги провери сопствените податоци што ги доставила до ЗНМ. Ако ги провереа дописите, немаше да се доведат во ваква апсурдна ситуација, да се демантира сами себе“, напиша Селмани.

Што се однесува за потребата од субвенционирање на домашна продукција, власта на заминување, вели тој, не требала да ги троши даноците на граѓаните во приватните телевизии, кои ги претворила во пренесувачи на нивната гебелсова пропаганда, туку во Македонската радио телевизија, каде според Селмани има професионални новинари што знаат да произведат квалитетна домашна играна и документарна програма на македонснки јазик и на другите јазици.

„За глумењето грижа за македонскиот јазик, примитивните националисти од ДПМНЕ ги потсетувам дека парите што досега ги трошеа во медиумите не ги исплаќаат од нивниот џеб, од наследството на нивните родители или од буџетот на нивната партија, туку од даноците на сите граѓани. Јас како граѓанин и даночен обврзник на оваа земја сум придонесувал за наводната грижа на ДПМНЕ за македонски јазик, односно за нивната партиска пропаганда. МИОА се грижи за македонскиот јазик, колку за ланскиот снег. Да ги потсетам луѓето на МИОА на прислушуваниот разговор на Груевски, во кој тој бараше пари за нивните мегафони во националните телевизии. Тогаш Груевски збореше со потценување за македонската револуционерна борба. Ајт, му велеше на друг министер вадејќи од раков теми за наводните емисии посветени на македонската борба, во обид да ги покрие плаќањата од буџетот за нивната партиска пропаганда“, реагираше Селмани.