ЗНМ: Медиумските слободи се влошуваат во сите сегменти

Влошена безбедност на новинарите и нивната економско-социјална состојба, како и на медиумското законодавство и неговата имплементација, регистрираа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во извештајот за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во 2016 година.

Од ЗНМ истакнаа дека според податоците лесно може да се констатира дека владата ги користи сите инструменти на власта да ја ограничи слободата на говорот и да ги контролира медиумите.

„Таа во однос на медиумите применува политика на стап и морков. Послушните медиуми ги наградува со јавни пари додека новинарите што ја критикуваат постојано ги напаѓа и ги изложува на разни притисоци. И покрај формалниот мораториум за владини реклами од мај 2015 година, јавните институции по разни основи продолжуваат да трошат сериозни средства во медиумите“, соопштија од ЗНМ.

Според нивните податоци министерствата и општините во Македонија лани имаат потрошено околу еден и пол милиони евра во печатените, онлајн и регионалните и локалните медиуми.  Околу 400 илјади евра се потрошени во првата половина од минатата година, додека над еден милион евра биле планирани да се трошат во втората половина.

Од Здружението, се осврнаа и на проблемот со неказнивоста на насилството против новинарите, потенцирајќи дека најголем дел од инцидентите не се расветлени, а ниту еден насилник не е казнет.

„Таму каде не функцинираат парите за да се воспостави контрола на медиумите, власта користи гола сила да ги замолчува новинарите. Според нашите податоци во последните четири години, нападнати се над 40 новинари, од кои околу пола од нападите се случиле во 2016 година. Имавме прогонувани новинари, еден осуден на затворска казна, а друг повеќе од една година е во притвор осомничен за незидржани обвинувања. Овој факт јасно сведочи за драматичната ескалација на насилството врз новинари“, велат од ЗНМ.

Податоците од извештајот сведочат и за влошување на професионалната, економска и социјална положба на новинарите. Нивните плати се намалуваат, работните места се несигурни, а притисоците од уредниците, менаџерите и газдите на медиумите се зголемуваат.

„Единствена светла точка во овој извештај е подобрување на судската пракса за тужбите за клевета и навреда против новинарите. Позитивно е дека бројот на тужбите се намалува, а судиите, со одредени исклучоци, почнуваат сериозно да ја применуваат праксата на Европскиот суд за човекови права од Стразбург. За разлика од 2012 година, кога имаше над 320 тужби за клевета против новинари, лани тој број беше под 50“, додаваат од ЗНМ.

Извештајот, додаваат од ЗНМ, е изработен користејќи квалитативни и квантитативни методи за собирање и анализирање на податоци.

Тие изразија надеж дека новата Влада ќе покаже вистинска политичка волја за спроведување на реформи во медиумите според барањата на Европската унија и новинарската заедница.

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.