Министерство за култура: Утре ќе започне разгледувањето на сите одбиени апликации на Годишните конкурси

Од Министерството за култура соопштија дека утре (11 февруари) со почеток во 10 часот во просториите на Министерството за култура, ќе започнат со работа сите стручни комисии по одделни дејности кои ќе имаат задача повторно да ги разгледаат
сите апликации кои беа одбиени на Годишните конкурси на Министерството за култура за 2019 година.

„Одлуките за сите одбиени апликации ќе бидат поништени, и по нивното повторно разгледување, доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти од национален интерес ќе биде дополнета“, посочуваат од Министерството.

Резултатите од Годишните конкурси предизвикаа многу реакции во јавноста, со бројни критики по социјалните мрежи за начинот на распределба на државните пари.