Многу незадоволни од распределба на пари во културата

Министерството за култура ноќеска ги објави резултатите од годишнитe конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2019 година. Во текот на денот по социјалните мрежи многумина јавно го критикуваа начинот на распределба на државните пари.

Оливер Белопета, директорот на Скопскиот џез фестивал е шокиран од фактот државата нема да одвои средства за одржување на престижниот фестивал .

„Во Скопски џез фестивал сеуште сме во шок, бидејќи синоќа беа објавени резултатите од Годишната програма на Министерството за култура. Воопшто не станува збор за технички причини поради кои Скопскиот џез фестивал не се финансира од Министерството за култура,туку за лични причини на членови на комисијата. Таму станува збор за невиден дилетантизам“, рече Белопета за Република.

Реакции има и од Костадин Шурбановски, диџеј, дел од Скопски џез фестивал, стотројкаш.

„И Стотројка (фестивал „103 генерации“) е одбиена од МК , како и Крсте Роџевски (концерт). Единствено логично решение што ми паѓа на памет за оваа скандалозна папазјанија е поништување на резултатите од конкурсот, распуштање на комисијата за музичко-сценска дејност и избор на нова комисија. Итно“, бара Шурбановски.

За Ненад Стевовиќ од издавачката куќа Или-Или, доделувањето на средства за 2019 година за издавачот е „речиси исто со она што ни го направи Бети Канчевска Милевска пред две години“.

„Работава е, драги мои, во коверти. Да, во коверти. Од оваа година пријавата за секоја книга требало да се стави во посебна коверта па таа да се стави во друга коверта и на неа да се напише адресата на министерството. Е ние, види не’ колку сме прости, пријавите за секоја книга посебно сме ги ставиле во посебни проѕирни папки, и сите заедно сме ги ставиле во една коверта а истата сме ја ставиле во друга коверта. И така со таа коверта голема како телевизор отидовме во писарницата на министерството да ги предадеме 10-те пријави за 10-те книги. Со Игор Анѓелков, и самите несигурни околу новата пракса, си рековме дека доколку има проблем ќе купиме 20 коверти, ќе седнеме во некое кафеанче во Дебар мало и како мали деца ќе ставаме, ќе пишуваме, ќе подлизнуваме и ќе лепиме, колку и да изгледа смешно и сулудо. Но не испадна така, во писарницата ни го примија телевизорот без проблем, им кажавме дека внатре имаме 10 пријави, и тоа беше тоа. И да, не се работеше за последниот ден од конкурсот кога има редици, нервози и можни недоразбирања. Не. И така, комисијата ни одобрува 9 книги, правната служба вели НЕ, тоа никако, не е законски, тие (Или-Или) се водат дека имаат само една пријава…и да не ве замарам“, објаснува Ненад Стевовиќ кој им се извинува на своите читатели, автори и преведувачи, заради „овој Апсурдистан во кој се заглавивме“.

Од распределбата на пари е револтиран и Тошо Филиповски, авторот на Македонската рок енциклопедија, кој, како и за енциклопедијата, повторно не доби пари за свој проект.

„Изгледа до тука било со мојот оптимизам-ентузијазам и желба за пишување/архивирање и објавување на материјали кои ќе ја регистрираат/одбележат историјата на Македонската Музичка Култура, пред се УРБАНА музика, НИТУ претходните, ниту овие имаат слух/желба/визија да сочуваат дел од Македонското културно богатство. Македонската рок култура, конкретно„Македонска Музичка Дискографија – винили (1963-2019)”. До тука било, не верувам дека имам сили и понатаму да пишувам, ќе ми треба сериозно време за да се соземам…..Очигледно дека пренаивно верувам дека доаѓањето на позиција на луѓе кои пораснале низ рок сцената или и самите свиреле во бендови можат да ги сфатат потребите од сочувување од исчезнување на нивниот музички труд, пишува тој.

Гитаристот и организатор на културни настани Бојан Станиќ, коментирајќи го распределувањето средства за ставката „музичка/музичко-сценска дејност“, реагира на централизацијата на културата кон Скопје. Пишува дека МОБ и Филхармонија од Скопје добиваат 46 000 000 денари, наспроти 2 503 000 за сите центри на културата надвор од Скопје.

„Значи се што не е Скопје, т.е. Центрите за култура во Битола, Прилеп, Неготино, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Струмица, Куманово, Делчево, Штип, Дебар, Кичево и Тетово ЗАЕДНО добиваат 18 пати помалку пари од 2 културни институции во Скопје“, пишува Станиќ и се чуди како Центарот за култура Битола за Фестивалот на музика од светот ќе направи програма со 2500 евра.

Режисерот и драматург Милош Андоновски реагира на распределбата на средства во драмската дејност.

„Повеќе од очигледно е фаворизирањето на одредени театарџии веќе втора година по ред. Неправдата се манифестира и на друго поле: вработени режисери што земаат плата имаат добиено по неколку проекти од кои ќе добијат и хонорари, додека невработените ќе седат без проекти или со по еден одобрен проект во независна продукција. Се обраќам и до Синдикатот за култура: како и зошто невработените театарски дејци се незастапени, како најранлива и најманипулирана категорија од сите?, прашува Андоновски.

Парите за култура се делат во 9 области: Издавачка дејност и литература, Музичка и музичко-сценска дејност, Драмска дејност, Фолклорна и сценско-уметничка дејност, Интердисциплинарна дејност, Библиотечна дејност, Музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство, Меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО, Европски интеграции и креативни индустрии.