Министерство за култура: Нивелација на платите во културата по изборите

Министерството за култура информира дека извршило анализа на потребните средства за нивелација, односно порамнување на платите на вработените во установите од областа на културата по дејности во согласност со постојните колективни договори на ниво на установи.

„Работната група формирана во рамките на Министерството за култура во изминатиот период ги изврши пресметките за потребните финансиски средства за порамнувањето на платите. Во согласност со Изборниот законик, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до завршувањето на изборот за претседател на Република Северна Македонија не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетските средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори“, соопштуваат од министерството.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, велат од таму, до завршувањето на претседателските избори не постојат законски предуслови да се заврши постапката за нивелација на платите на вработените во установите од областа на културата.

Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) веќе реагираа и изразија сомнеж околу тејмингот со изборите, потенцирајќи дека ресорното министерство „купува“ време.

Истовремено го повикаа јавно да соопшти што е причината за одложувањето на нивелацијата на платите.

„СКРМ имаше разбирање за одложување на нивелацијата за еден месец (наместо во март, да се спроведе во април), верувајќи дека Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што бевме свесни дека ни следат избори. Дали свесно Министерството за култура ‘украде’ еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби нивелацијата е одложена“, се велеше меѓу другото во реакцијата на Советот на СКРМ.

За тоа време, Советот на СКРМ ќе одлучи како ќе реагира на одложувањето и ќе постави услови за динамиката на решавање на сите проблеми во културата и во тие услови, како што рекоа „нема да има ни грам толеранција, ни минута доцнење, ниту разбирање“.

„Штом Министерството за култура нема разбирање за нашите проблеми, културните работници и уметници нема да имаат разбирање за нивните изговори“, стои во реакцијата.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.