Министерот за транспорт изјави дека македонските граѓани сѐ почесто патуваат со авиони

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска изјави дека од изборот на Владата досега се воведени 23 нови директни авиолинии, оценувајќи дека владините политики во авиосообраќајот даваат конкретни резултати.

Тој истакна дека преку активна политика за привлекување нови авиокомпании и дестинации, двата меѓународни аеродроми во земјава – Меѓународен аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле Охрид – надминале 3,5 милиони патници.

„Почнавме сериозна политика на привлекување нови авиолинии, имајќи предвид дека Македонија нема излез на море и аеродромите се наш единствен прозорец кон светот. Овие 23 нови директни летови се значајни и за туризмот и за бизнисот, но и за граѓаните кои сакаат да патуваат“, изјави Николоски, посочувајќи дека меѓу најновите дестинации се Алгеро во Сардинија и Палермо во Сицилија.

Според него, бројот на патници е особено значаен ако се има предвид дека државата има околу 1,8 милиони жители, што значи дека фреквенцијата на патувања го надминува бројот на население. Николоски нагласи дека очекува скопскиот аеродром годинава да биде лидер по раст во регионот на поранешна Југославија и да надмине четири милиони патници, што би претставувало апсолутен рекорд.

Тој информираше и дека се водат директни разговори со Саудиска Арабија за воспоставување воздушен сообраќај меѓу двете земји, со можност за нови летови кон Скопје и Охрид.