„Луфтханза“ ги откажа речиси сите летови во Германија поради штрајк на вработените

Германскиот најголем авиопревозник „Луфтханза“ денеска соопшти дека ги откажува речиси сите летови од нивните бази во Франкфурт и Минхен поради нејавениот штрајк на вработените теренски работници на компанијата.

Од авиопревозникот истовремено информираа дека ќе бидат откажани летовите денес, како и понатаму оваа недела поради ефектите кои ќе ги предизвика штрајкот.

Вкупно ќе бидат откажани повеќе од 1.000 летови, со кои се засегнати околу 134.000 патници, пренесува Дојче Веле.

Штрајкот, организиран од синдикатот „Верди“ ќе се одржи утре и во него ќе учествуваат 20.000 вработени теренски работници на „Луфтханза“. Штрајкот е обид да се изврши притисок врз раководството на авиопревозникот во преговорите околу висината на платите кои се во тек.

Шефот за човечки ресурси во „Луфтханза“, Михаел Нигеман, го критикуваше овој потег додавајќи дека „штрајкот е прерана ескалација по само два дена преговори“.

„Штрајкот ќе се одрази особено на нашите патници за време на пикот на туристичката сезона, а дополнително ја отежнува работата на нашите вработени, кои веќе се во тешка фаза на авиосообраќајот“, додава Нигеман.

Од „Луфтханза“ информираа дека покрај главните бази – аеродромите во Франкфурт и Минхен, со штрајкот ќе бидат засегнати и аеродромите во Берлин, Бремен, Келн, Диселдорф, Хамбург, Хановер и Штутгарт.

Од компанијата ги советуваат патниците кои не резервирале друг лет да не доаѓаат на аеродромот, бидејќи не се очекува да работат услужните аеродромски служби. Од „Луфтханза“ ги предупредуваат и патниците кои летаат до аеродромите во Франкфурт и Минхен, а кои немаат поврзани летови, дека може да треба да чекаат со часови, па и со денови за следниот лет од овие аеродроми.