Министерот Адеми по реакциите: Не сум вршел никаков притисок за избор на некој проект

По бројните реакции откако беа соопштени резултатите на поддржаните проекти во Годишната програма на Министерството за култура синоќа се огласи Министерот Асаф Адеми кој тврди дека одлуките за секој проект се „земени врз основа на предлог на професионалната комисија“ и дека тој во „ниту еден случај не вршел никаков притисок за избор на некој проект“

„Со големо внимание ги следам критиките, реакциите, пофалбите и предлозите, исто така сакам да ви кажам дека сум во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба при министерството. После консултациите што ги имаме, заедно ќе одлучиме за следните чекори. Истовремено, би ви обврнал внимание на следното: Моето мото ‘култура за сите ‘ беше без било каква етничка, политичка или религиозна предрасуда; и јас не сум од тие политичари што функцијата ја гледа како алатка за лично богатење“, напиша Адеми на Фејсбук.

Во соопштението од Министерството за култура информираат дека при одлучувањето за проектите се водело сметка за соодветно проектирање на приоритетите на Министерството и дека од пристигнати 5.560 пријави комисиите предложиле поддршка за 2.781 проект.

„Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи итн.). Во Годишната програма за 2019 година се рефлектирани и приоритетите на Министерството за култура за соодветна заштита и промоција на културното наследство во согласност со современите европски практики, зајакнување на независниот културен сектор како важен социокултурен чинител, промоција и пласман на културата на Република Македонија во меѓународни рамки, како и реализација на капитални проекти и инвестициски вложувања во Скопје и градовите низ државата“. наведуваат од Министерството за култура.

Резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 вчера предизвикаа големи реакции во јавноста. Револтирана од резултатите, театарската режисерка Зоја Бузалковска поднесе оставка од Советот за култура.