Милчо Манчевски: Новиот ДУП ќе го комплетира урбаниот геноцид во Дебар маало

Непосредно пред најавената јавна дебата по нацрт-деталниот урбанистички план за делови од скопско Дебар маало, на која ќе се бараат заеднички решенија за да се спречи понатамошното уништување на зеленило и наметнати решенија спротивни на волјата на граѓаните, со своја реакција се огласи и познатиот македонски режисер Милчо Манчевски.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„Од катастрофалниот ДУП за Дебар Маало во средината на 90-тите наваму квалитетот на живот во нашиот крај станува се’ полош поради непримерната и несоодветна густина на население, поради непланското зголемување на сообраќај и на паркирани коли, поради тоа што имаме се’ помалку зеленило, сонце и струење на воздухот, поради влошување на инфраструктурата во крајот и поради намалување на вредноста на нашите куќи и станови.

За тоа се криви ДУП-овите кои ни ги наметнуваат власта и урбаната мафија. Овој ДУП што сега го дискутираме уште повеќе ја влошува состојбата и го дотолчува Дебар Маало.Тој го докомплетира урбаниот геноцид врз нашиот крај.

Јас сметам дека тој мора да се ревидира и еднаш веќе да се намали густината на населеност. Ако се селат бараките на Град Скопје, на општина Центар и бараките кај ДМ, на нивно место треба да останат постојните дрва и да никнат зелени површини и детски игралишта, со што само малку ќе се корегира намалувањето на зеленило во градот и во нашиот крај. Во никој случај не смее да се гради ништо на тие парцели, а камоли петнаестокатници или стометарски згради (кои се веројатно само почетен влог во партијата покер што урбаната мафија и властите ја играат со граѓаните и со јавноста).

Јас сум и против пробивање на улица кај пазарчето Буњаковец затоа што со тоа дополнително ќе се зголеми сообраќајот на ионака тесните улички во крајот, а истото ќе биде и вовед во рушење на пазарчето и злоупотреба на таа парцела од урбаната мафија.

Исто така, сметам дека парковите кај архитектонскиот факултет и зад Министерството за култура треба да им се отворат на граѓаните. Тие треба да бидат достапни за секого.

Општинските служби треба да работат за граѓаните, а не за државната власт. Мора да се слушнат нашите барања Дебар Маало да стане похуман и попријатен крај за живот од она што ни се предвидува. Општинските власти мораат да престанат да ги отфрлаат барањата на граѓаните од јавните анкети; напротив мора да ги внесат во следниот ДУП. Општинските власти мора да подготват вистински стручни и сеопфатни анализи на промените на животната и урбаната средина, на сообраќајот и на квалитетот на живот кои ќе настанат со примената на новиот ДУП. Не постои оправдување за општинските власти да се амнестираат од потребата да се подготват вакви студии, и да се постапува според нив. Потребите на бизнис заедницата не можат и не смеат да бидат поважни од потребите наши и на нашите деца кога е во прашање квалитетот на живот.

Политичарите, советниците и вработените во општината треба да работат за нас, а не за властите, за своите интереси или за урбната мафија еуфемистички наречена бизнис заедница.

Предлагам во иднина резултатите од јавните анкети да бидат јавно соопштувани со оглас во весник и на прес конференции. Исто така би сакал да знам кои се роковите во кои општинските власти ќе постапат според барањата на граѓаните. Најпосле, сметам дека објавите на идните расправи по ДУП-овите и по сите постапки на општинските, на градските и на државните власти кои ќе резултираат со промена на квалитетот на живеење на граѓаните треба да бидат регулирани со закон кој ќе предвидува дека предлог плановите мора да се објават во весник како конкурс, а истите да бидат доставени со обична пошта до секое домаќинство во општината.

Сметам дека е неопходно да се стави мораториум на градење се’ додека не се изготват стручните студии за влијанието на имплементацијата на ДУП-от врз квалитетот на живот на граѓаните. Дури потоа може да се продолжи со градење – ако заклучиме дека треба“.