Јавна дебата за ДУП-от за Дебар маало идната недела

На 23 септември  (среда) со почеток од 18:00 часот, ќе се одржи јавна дебата по нацрт-деталниот урбанистички план за делови од скопско Дебар маало.  Јавната дебата ја организираат Центарот на заедница на општина Центар, Здружението на граѓани Плоштад Слобода и Општина Центар. На дебатата ќе се разговара за решенијата од Нацрт-ДУП за Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2 и ќе се изнаоѓаат заеднички решенија за да се спречи понатамошното уништување на зеленило и наметнатите решенија од Владата, спротивни на волјата и интересот на граѓаните. Јавната дебата ќе се одржи во канцеларијата за млади на општина Центар, Градски Ѕид, бул. Мито Хаџивасилев Јасмин бр. 7/1, локал 18 (позади Автомакедонија).

На јавната дебата ќе се обратат претставници од Секторот за урбанизам на Општина Центар, градоначалникот Андреј Жерновски, претставници од здружението Плоштад Слобода, Здружението за заштита на животната средина Гринбокс и други засегнати граѓани.

Ќе се дискутираат решенијата во нацрт-ДУП-от за Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2, а граѓаните ќе имаат можност да го искажат своето мислење и потреби како граѓани на општина Центар и заедно со властите ќе се обида да најдат начин да се спречи уништувањето на животната средина.

Сита граѓани кои имаат прашања или им  се потребни дополнителни информации,  можат да контактираат на dragana.drndarevska@cccentar.mk или на тел. 02/3203-680.