Мицкоски: Размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети

„Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме – е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече премиерот Христијан Мицкоски, зборувајќи на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“.

Говорејќи за демографската криза во земјава, тврди дека „состојбата е аларматна“ и е „еден од најголемите предизвици за Македонија и Европа“.

Премиерот презентираше податоци според кои во 2024 година се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лице, што значи природниот прираст на населението е во негатива од 4.140 луѓе за само една година.

Тој рече дека трендовите на намален наталитет, зголемување на бројот на стари лица и масовно иселување водат кон сериозна демографска рецесија.

„Време е мајчинството да биде благослов, а не товар. Време е да изградиме институции кои ќе ја негуваат младоста и ќе ја враќаат надежта“, додаде премиерот, нагласувајќи дека борбата со демографската криза бара ангажман од целото општество, а не само од едно министерство.

Идејата за воведување данок за лица кои не се во брак е разгледувана и за време на претходни влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ кога на нејзино чело беше бегалецот од правдата Никола Груевски, но никогаш не била формализирана како конкретен законски предлог.