„Мезанин“ – изложба и промоција на публикација на Иван Ивановски на 30 септември

Во Мобилната/Монтажна галерија во скопскиот Парк на Франкофонијата на 30 септември (сабота) од 20 часот ќе се одржи изложба и промоција на публикација на Иван Ивановски.

„Заглавени во меѓупросторот, помеѓу ќелијата и екранот! Постојат многу важни прашања кои се вредни за постојано да си ги поставуваме, со цел да се преиспитуваме. Тие се врзани за нашето место во светот, за општите координати кои ги зафаќаме, а се и од суштинска важност за нашето секојдневно ориентирање“, посочува Владимир Јанчевски во текстот за изложбата.

Тој посочува дека Иван Ивановски е визуелен уметник кој речиси две децении создава еден специфичен и препознатлив свет, простор на границата на физичката реализација и анимираната реалност. Тој е автор кој е подеднакво и фанатичен цртач, сликар и скулптор, но и искусен и талентиран аниматор, некој за кого во светот на плодната интеракција меѓу текстуалната предлошка и визуелниот свет кој се перцепција, толкува и креира, не постојат цврсти и непроменливи граници.

„Таа релација помеѓу зборот и сликата е секогаш двонасочна и едното произлегува од другото. Дали уметникот е парадигматичниот лик кој е очекуваниот носител на промената на прогледувањето, или е само романтичен поглед на само уште еден од редицата изолирани поединци кои се заглавени во сопствениот идиосинкратичен израз, лишен од вистински целисходна комуникација, и борба за ослободување. Во меѓупросторот, некаде на мезанинот, додека чувствуваме треперењето на битовите и пикселите, сѐ уште го бараме одговорот“, пишува Јанчевски.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура, логистички поддржана од Општина Центар и Центар за современи уметности Скопје.