Медицински факултет: Се чека тендерот во мај за подигање на квалитетот на хигиената

Медицинскиот факултет го чека мајскиот тендер за конечно решавање на проблемот со хигиената во тоалетите во кампусот на Медицинскиот факултет. Оттаму, во одговорот до Радио МОФ по вчерашниот текст за проблемот со хигиената во овие тоалети, велат дека се во редовен контакт со студентите.

„На средбата студентите беа информирани дека договорот со фирмата задолжена за одржување на хигиената завршува во мај и Медицинскиот факулет планира во новиот тендер да се вметнат дополнителни барања со кои ќе се подигне нивото на квалитетот на хигиената. Исто така студентите беа информирани дека во тек е реконструкција на тоалетите во зградата на хируршките клиники“, известуваат од Деканатот.

Од деканатот додаваат дека заедно со студентите од Факултетското студентско собрание се обидуваат да го надминат проблемот.

„Деканатската управа оствари средба со членови на Факултетското студентско собрание пред месец дена. Разговаравме за хигиената во тоалетите и снабдувањето со тоалетна хартија и сапун за раце. На средбата е договорено, како една од мерките за подобрување на состојбата,  на студентите да им биде дозволено од магацинот на факултет да подигнуваат согласно нивните потреби, средства за хигиена во количина колку што е потребно“, пишуваат од Деканатот.

Читатели до редакцијата на Радио МОФ испратија фотографии од тоалетите, велејќи дека студентите од Медицинскиот факултет се лишени од нивна употреба. Претседателот на Студентското собрание на Медицинскиот факултет, Марио Петрески, ја потврди незавидната состојба во која се наоѓаат студентите.

„Имаме три тоалети во кои што не се одржува редовна хигиена. Има константен одвратен мирис, нема топла вода, сапуни и тоалетна хартија“, рече тој.

И.С.