„Медена земја“ и Фолтин го затворија „Македокс“

Седумдневното патување низ светот на документарците исполнето со неверојатни приказни и безброј незаборавни моменти наречено „МакеДокс“ синоќа ја заврши својата програма.

Последната вечер на десеттото издание на македонскиот фестивал на креативен документарен филм се одржа под отворено небо во гнездото на фестивалот – Куршумли Ан.

Вечерта започна со доделување на наградите за најдобрите и највпечатливите филмови кои се наоѓаа на овогодинешната програма. Жиријата составени од разни филмски критичари, професионалци, професори, иако на моменти неодлучни, доделија вкупно 6 награди во 5 категории.

Главната награда за најдобар филм во главна категорија беше одбран „Соло“ на Артемио Бенки, а специјално беше спомнат и „Град на мртовци“ на Микел Ек.

Артемио Бенки

За најдобар нов автор беа доделени две награди: едната отиде кај нашите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска за делото „Медена земја“, а втората беше доделена на Рита Хухтанен за „Боговите на Моленбек“.

Во категоријата најдобар студентски филм наградата беше доделена на Мануел Инакер за неговото дело „Ѕверот“, а посебно беше споменат и „Hey Bro“ на Александар Елкан.

За најдобар краток филм беше избран „Нашите песни за војната“ на Хуанита Онзага, а пак во категоријата најдобар морален пристап наградата се додели на „Боговите на Моленбек“, филм на Рита Хухтанен.

По церемонијата, вечерта продолжи со проекција на краткиот филм „И од пиле млеко“, кој ја загреа публиката за она што сите долго го очекуваа – проекцијата на „Медена земја“. Документарецот кој ги освои, не само срцата на целата светска публика, туку и поголемиот дел од наградите на фестивалите каде што досега настапи, беше пропратен со громогласен аплауз од публиката во Куршумли Ан која ја остави без зборови.

По кратката сесија на прашања и одговори со екипата на филмот, вечерта продолжи со концерт на „Фолтин“ кој до доцните вечерни часови ја забавуваше публиката во срцето на Старата скопската чаршија.

Георги Божиновски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.