Мажите сè уште се малцинство во градинките

За разлика од десетици други области, предучилишното образование во земјава главно се потпира на женска работна сила, со минорна вклученост на мажи. Така е со години во градинките. За да се промени родовиот сооднос, познавачите сметаат дека треба да се променат условите и поделбата на обврските за работа, но и да се прескокнат стереотипи и традиции со кои се „храни“ општеството. 

Елена Мишиќ од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ потенцира дека ова не е само македонски проблем. И развиените системи, вели таа, образовно-згрижувачката дејност функционира со женски персонал.

Но, тоа не значи дека не треба да се подобри ситуацијата и да расте бројот на мажи. Особено што во земјава од околу 4.500 илјади вработени, во градинките има само 350 мажи, со тоа што ова ги вклучува сите – помошен персонал, технички, административен…

„Во моментов немаме јавни податоци за бројот на мажи во воспитно-згрижувачкиот кадар (воспитувачи и негуватели н.з.), но, сепак, искуствата на терен тој е минимален. Тоа не е добро, се прават најразлични обиди низ светот заради тоа што децата треба да се изложат на најразлични модели во текот на образованиетo. Ние зборуваме за една најразновидна работна сила. Од аспект на возраст – треба да имаме и помлади и постари воспитувачи, од аспект на јазик и на припадност на етничка група да одговара на потеклото на состојбите на децата“, вели Мишиќ.

Нагласува дека многу малку се зборува за тоа дека децата треба да имаат право и дека за нивниот развој е исклучително важно да го видат и мажот. Условно кажано, да го видат и тој сурогат татко во улога на згрижувач“, вели Мишиќ.

Психологот од градинката „Росица“ од Ѓорче Петров, Елена Шереметкоска смета дека самото општество по автоматизам ги става жените во позиција да преовладуваат во градинките.

Односно, вели таа, мнозинството одредена професија ја врзува со одреден пол. Со чудење гледа на жена автомеханичар, жена возач на камион, па така и со чудење гледа на маж да работи со деца од нула до шест години.

„Сепак, не станува збор дека мажот нема да може тоа да го работи, туку колку ќе се снајде и пронајде себеси во така изразито женска професија. Дополнително на жената и природно, биолошки и е развиено мајчинското чувство и поврзаноста со негата на децата. Сепак, мислам дека мажот како воспитувач, некаде од третата година, може да се вклучи во воспитно-образовниот процес, затоа што и на децата им импонира машка фигура во градинката, баш поради тоа што се опкружени со жени“, нагласува Шереметкоска.

Децата се врзуваат со машки воспитувач, вели психологот, а пример имале и во градинката во Ѓорче Петров. Едно момче почнало да работи како воспитувач. Само што ги завршило студиите и сакало да се испроба… Меѓутоа, издржало само само два месеци.

„Освен хаусмајсторите и градинарите, колективот е женски. Некако не се пронајде во мноштвото на жени. Инаку, во градинките има машки музичари кои успешно работат со децата. Работат со неколку групи деца, но тие не се постојано во занималната, секојдневно. Не се цело време со нив за да ја имаат целосната нега и воспитување, туку стрикно со музичко воспитување“, нагласува психологот.

Шереметкоска не слушнала во градинките да има други воспитувачи. Причина според неа најмногу се стереотипите и предрасудите. И самите мажи, нагласува таа, треба да надминат некои бариери, со себе и во себе, за да работат меѓу жени со деца.

„Едноставно, мажите не ги гледаме, и они сами не можат да се видат во таа професија“, вели психологот.

Мажите се малку вклучени во градинките, затоа што малку се запишуваат и на педагошки студии. За такво искуство раскажува Ѕвездан Богдановски, дипломец на Педагогија при Филозофскиот факултет. Тој може да се пофали дека бил единственото машко во група со четириесеттина девојчиња.

„Не е исто лесно да се поврзеш со машко и со женско при студиите. Најпрво, со темите што можат да се зборуваат, на пауза, меѓу предавања итн. Меѓутоа, колешките што беа со мене, исто така беа супер, немав никаков проблем да се поврзам на било каков начин“, вели Богдановски.

Тој е дел од Фондацијата „Чекор со Чекор“, работи на проекти за предучилишно образование. За да биде поттикнат да влезе и да се вработи во градинка, смета Богдановски, прво треба самата професија да стане попривлечна.

„Сметам дека би се вклучиле машки наставници, професори, доколку би имал поубави услови за работа, да има измени во групите, да има помалку деца во групите. Да има и повисоки плати. Како идеја би можело да се организираат работилници, каде што би се потенцирала значајноста на улогата на таткото во семејството. Поголема инволвираност во образованието и заедничка работа меѓу детето и таткото, за зајакнување на таа врска помеѓу родител и дете“, вели Богдановски.

Фото: preschool-daze.com

За Елена Мишиќ од „Чекор по чекор“, ситуацијата мора да се решава уште од факултетите, кои се поврзани со нискиот статус на вработените во предучилишното образование. Истражување на „Чекор по чекор“ покажа дека платата на кадарот во градинките е само 55 отсто од тие во средното, а 60 отсто од оние од основното.

„Работата е тешка, напорна, ретко кој маж би се нафатил да работи со 40 деца во група, но има тука и други аспекти поврзани со традицијата, но и со системската поставеност кај нас. Кај нас во предучилишното доминира згрижувачката функција, тоа се гледа и по кадарот – една четвртина се воспитувачи, наспроти тоа 40% се негуватели“, анализира Мишиќ.

Напоменува дека постојат иницијативи на светско ниво. Пример, невладина организација што функционира во Европа, се залага за поголемо учество на мажите. Тие се поддржуваат, обучуваат.

„Прашањето на третманот на родителите, подеднакви права, сите обиди за породилно отсуство за таткото, а младите генерации би очекувале да бидат помалку традиционални во таа поделба на семејните обврски. Мислам дека тоа е вистинскиот пат, да се јакне еднаквоста во домот, да се јакне еднаквоста во општеството, и само тогаш можеме да очекуваме и секторски да се јакне улогата на жените таму кадешто мажите се доминантни, и обратно, кадешто жените се доминантни“, констатира Мишиќ.

Бојан Шашевски

 

*Темата првично е објавена како прилог во аудио-емисијата „Мегафон“