Мажите предизвикуваат повеќе климатски емисии од жените, покажува нова студија

Парите кои мажите ги трошат на производи предизвикуваат 16% повеќе емисии кои ја загреваат климата отколку трошоците кои ги прават жените, покажа нова студија.

Иако трошат речиси идентична сума, сепак најголемата разлика отпаѓа на тоа што мажите трошат повеќе на бензин и дизел за нивните автомобили. Родовите разлики во климатските емисии се слабо проучени, велат истражувачите и дека овие податоци треба да се имаат во предвид во идни акции за справување со климатските промени.

При анализата била направена споредба помеѓу мажи и жени во Шведска, кои не се во брачни врски, и откриено е дека храната и патувањата предизвикуваат повеќе од половина од сите емисии за двата пола. Научниците утврдиле и дека замената на месото и млечните производи со растителна храна, како и префрлање на патување со воз, наместо со автомобил или со авион, ги намалува емисиите за 40%.

„Сметаме дека е важно да се направи разлика меѓу мажите и жените кога се зема во предвид креирањето политики. Начинот на кој трошиме пари е многу стереотипичен – жените трошат повеќе пари на декорации во домот, здравје и облека, додека мажите трошат повеќе за гориво, храна во ресторани, алкохол и цигари“, објаснува Аника Карлсон Канјама, од компанијата „Еколуп“, која ја изработиле студијата.

Претходна студија од 2017 година покажа дека најголемото влијание кое поединците можат да го имаат во борбата со климатските промени е да имаат едно дете помалку, да не користат автомобил и да избегнуваат летање со авион.

Студии, пак, во 2010 и 2012 година покажаа дека мажите трошат повеќе на енергија и храна во споредба со жените – од кои и двете предизвикуваат високи емисии.

Минатата недела беше критикуван „зелениот договор“ на Европската Унија, бидејќи нема направено разлика помеѓу родовите и влијанието на екологијата.

„Климатската криза е еден од клучните предизвици на нашето време и влијае на мажите и жените доста различно. На, пример, мнозинството луѓе кои се засегнати од енергетската сиромаштија се жени. Затоа е важно да ги ставиме родовите разлики во равенката, доколку сакаме да развиеме решенија и трансформации кои функционираат за сите“, вели Надеж Лараг од Европското еколошко биро.